Гвардиола со Сити не може подалеку од четвртфиналето во ЛШ!
Шпанскиот менаџер изненадувачки не успеал да ја помине четвртфината фаза во Лигата на шампионите со Манчестер сити. Пеп Гвардиола седна на клупата на „граѓаните“ во 2016 година и за четири сезони најдобар успех досега му е само пласманот во четвртфиналето.
Во овој дел од натпреварувањето испадна трипати, додека еднаш беше елиминиран во осминафиналето. Во првата сезона во осминафиналниот двомеч загуби од Монако, на првиот дуел Сити триумфираше со 5:3, а Французите на реваншот со 3:1 и благодарение на повеќе постигнати голови на гости се пласираа во следната фаза.
Потоа, во 2018 година во четвртфиналето со вкупен резултат 5:1 клубот од „Етихад“ беше надигран од Ливерпул, а повторно поради поголем број на постигнати голови на гости лани беше елиминиран овојпат од Тотенхем.
Годинава поради ситуацијата со Ковид-19 УЕФА одлучи да се игра само еден натпревар со организирање завршен турнир „Фајнал-ејт“ во Португалија. Сити според многумина ја имаше фаворитската улога во Лисабон, но на крајот загуби од Лион (1:3).
Претходно со Баерн Минхен три години (2014-2016) по ред доаѓаше до полуфиналето, а таму подобри беа шпанските клубови Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид.