Гвардиола пред дербито: Како изборите во САД, сите гласови мора да бидат преброени!
Пред натпреварот со Ливерпул, Пеп Гвардиола актуелната ситуација помеѓу Манчестер сити и најголемиот ривал ја спореди со претседателските избори во САД каде гласовите сè уште се бројат.
В недела од 17.30 часот на „Етихад“ стадионот во рамките од осмото коло во Премиер лигата силите ќе ги одмерат Манчестер сити и Ливерпул. „Црвените“ од Енфилд моментно се на првата позиција на табелата со 16 бодови, додека „граѓаните“ се на 10 место со 11.
Манчестер Сити беше многу мотивиран минатата сезона на натпреварот во јули против Ливерпул, кога Редси веќе ја имаа титулата „во џеб“. Тогаш Сити славеше со 4:0 на домашен терен, а претходно во ноември беше 3:1 за Ливерпул пред своите навивачи.
– Кога играте против екипи како Ливерпул, секогаш имате моменти на натпреварот кога треба да патите. Ќе се обидеме да ги искористиме нашите добри страни што е можно повеќе. Ќе има подеми и падови, мора да ги искористиме шансите и да бидеме одлучни – вели менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, кој додава дека има уште поважни натпревари оваа сезона.
⚡️⚡️⚡️ pic.twitter.com/mAW2873M9U
— Manchester City (@ManCity) November 6, 2020
– Натпреварот е важен, но како и на изборите во САД. Сите гласови мора да бидат преброени. Има многу натпревари да се играат. Секогаш е убаво да се игра против најсилните можни екипи. Минатата година Ливерпул беше посилен, состав кој има исклучителен менаџер. Убаво е да се игра со нив и да се подобри нивото. Знаеме колку треба да бидеме добри за да ги победиме – додаде шпанскиот менаџер.
Пеп истакна дека Серхио Агуеро дефинитивно го пропушта дербито со Ливерпул, а исто така вели дека тековната сезона е чудна и дека на крајот е важно да се биде во борба за титулата.
– Има многу добри тимови, поради она што се случи со пандемијата. За нас ќе биде важно да се бориме за титулата во последните пет или десет натпревари. Се надеваме дека ќе бидеме во таа трка. Освојувањето на титулата е важна работа, не е важно со колку бодови. Некогаш повеќе, некогаш помалку. Првиот пат освоивме 100 бодови, можеби не ни требаа толку многу. Сè што можеме да направиме е да се фокусираме на себе и напредокот кој ни е потребен за да одиме на триумф – вели Гвардиола.