Гужвите од маркетите се преселија онлајн: И пензионерите купуваат од дома, а за нарачка се чека пет дена

Profimedia

Ако до неодмна во супермаркетите беше забележително зголемен бројот на купувачи, деновиве продавниците се речиси празни. Редиците на каса се намалени, но за сметка на тоа, сепак, пред одредени маркети има редици за влез. Но, се купува многу помала количина намирници, за разлика од почетокот на кризата предизвикана од коронавирусот.

Дали кај граѓаните се намали паничното купување затоа што се уште имаат залихи, сфатија ли дека намирници неопходни за живот сепак ќе има, или пак, во прашање е нешто друго?

Се обидовме да дознаеме дали можноста да се купува од дома ги промени навиките кај граѓаните, па сега, како што се вели во рекламите, со еден клик си обезбедуваат храна, пијалоци и средства за хигиена.

Каков е обемот на работа прашавме во Пакет.мк, од каде што ни одговорија дека побарувачката е зголемена за пет- шест пати.

– Имаме залиха на производи, но можеме да кажеме дека се забележува зголемена побарувачка за пет- шест пати, немаме слободни термини, првиот слободен термин е дури за пет дена од сега. Што се однесува на цените, тие се исти, освен ако е драстично зголемена набавната цена – вели Драган Јосифовски од Пакет.мк

И пензионерите купуваат онлајн 

Ако претходно купувањето беше „резервирано“ за помладите кои поради обврските немаат време да одат во маркети, сега ситуацијата е поразлична. Може да се забележи дека и пензионери купуваат онлајн. Дел од нив сами си ги прават нарачките, а на другите им помагаат помладите членови од семејството, додава Јосифовски.

На оние пак, кои освен храна, им треба и нешто друго, од продавниците кои не се отворени, поради коронавирусот, имаат можност да направат он лајн нарачка, а нарачките до домашна адреса им ги носат компании кои работат со достава. Таква е компанијата Еко логистик.

– Ние функционераме на начин во кој комуницираме и со испраќачот и примачот. Кај нас се јавуваат самите продавници кои нудат е-продажба, но не нудат достава. Цената зависи од големината на пратката, оддалеченоста, односно дали е во Скопје или во друг град, и од тоа дали станува збор за брза или редовна пратка. Можеме да констатираме зголемен обем на работа, посебно откако се затворија спортските продавници – велат од Еко логистик.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот