Гутереш бара СБ на ОН да го продолжи одобрението за испорака на помош од Турција за Сирија

Фото: EPA-EFE/GAILAN HAJI

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го повика Советот за безбедност да го продолжи одобрението за испорака на помош од Турција за милиони луѓе на кои им е потребна во северозападна Сирија.

– Не можеме да се откажеме од сирискиот народ, порача Гутереш.

Мандатот на ОН, кој овозможи испораки од Турција во северозападна Сирија, контролирана од опозицијата, истекува на 10 јули.

Русија, сојузник на Сирија, верува дека долгорочната операција го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија и бара да се доставува поголема помош од внатрешноста на земјата.

– Силно ги повикувам членовите на Советот да го задржат консензусот за овозможување прекугранични операции. Морален императив е да се одговори на страдањето и ранливоста на 4,1 милиони луѓе во областа, на кои им е потребна помош и заштита, рече Гутереш.

Тој рече дека 80 отсто од оние кои имаат потреба во северозападна Сирија се жени и деца.

Околу 800 камиони месечно испорачуваат помош од Турција како дел од операцијата на ОН, а Гутереш бара операцијата да се продолжи за една година.

Видео на денот