Ѓуровски: Пандемијата ја зголеми корупцијата, насилството и сајбер криминалот

Одредени мерки придонесоа за намалување на уличниот криминал, а тоа не е единствениот вид криминал. Бидејќи секоја криза е нова можност, така и оваа е плодна почва за одредени видови криминално однесување, кои се проблем, како што се семејното и родово заснованото насилство, кривичните дела од омраза, сајбер-криминал, кривични дела против јавниот ред и мир и се разбира, кривичните дела против здравјето на луѓето.

Ова го нагласи професор Марјан Ѓуровски, проректор на Универзитетот и професор на Факултетот за безбедност-Скопје на шестите корона дијалози на тема „Криминолошките и криминалистички влијанија од глобалната пандемија “.

– Прогнозите на Европол, укажуваат дека е очекуван глобален импакт по завршувањето на пандемијата и зголемување на имотниот криминал, криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и сајбер-криминалот. Во блиска иднина може да очекуваме социјална и економска дестабилизација како резултат на пандемијата. Изминатиот период покажа дека е потребно зајакнување на институционалниот капацитет за одговор во вонредни и кризни состојби, подобра координација преку ново јасно утврдено законско решение, смета Ѓуровски.

Според професорот Горазд Мешко од Универзитет во Марибор ризата предизвикана од здравствен проблем само ги „тргна” мигрантите како безбедносна тема. Тој смета дека полициската работа има потреба од дополнително професионално прилагодување и легитимност на полициското работење во услови на криза. Од криминолошка перспектива, вели тој, социјалната ситуација може да претставува безбедносна закана во блиска иднина.

Деканот на Високата полициска школа во Загреб, Крунослав Боровец говорел за позитивните хрватските искуствата во справување со пандемијата.Тој се осврнал кон важната улога од користењето на новите дигитални технологии и можности на полициските службеници. Смета дека кризата како јавно здравствен проблем, во моментот не ги загрозува сигурносноста и безбедноста.

– Според полициски статистики, вкупниот криминалитет е намален, но, доколку кризата продолжи, можно е зголемување на измами преку Интернет, корупција и лажни вести, смета тој.

Неџат Корајлиќ, декан на Факултетот за безбедносни студии во Сараево, босанско херцеговските практики во време на пандемската криза ги претстави низ политичко – економските и социјални прилики. Тој смета дека со продолжување на кризата може да се очекуваат социјални проблеми и актуелизирање на мигрантската криза што би довело до безбедносни проблеми.

Според него, од кризата треба да се учи, потребно е меѓуинституционално и стручно делување и јакнење на капацитетите на институциите и ресурсите, за што поуспешно менаџирање со пандемијата или со идни кризи.

Осврнувајќи се кон феноменолошките карактеристики на кривичните дела во време на пандемија меѓу кои зголемени финансиски измами, фалсификување медицинска опрема, лажно претставување професор Весна Стефановска од Факултетот за безбедност, посочила дека во вакви услови сторителите го преместуваат криминалот на „друго место” и се адапртираат на новите ситуациони околности.

Таа се задржа на проблемот со ранливите категории граѓани и нивната заштита, на колизијата меѓу примената на рестриктивни мерки и ограничување на одредени човекови слободи и права, како и проблемот на можна криминализација кон носители на вирусот, особено лицата од маргинализирани и ранливи заедници.

Говорниците во дебатата констатирале дека за криминалитетот и безбедноста во регионот потребна е дополнителна анализа, по завршување на здравствениот проблем што се надеваат дека нема да прерасне во безбедносен, за што, особено значајни се зајакнување на хуманата безбедност и поголема финкционалност на безбедносните системи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот