Гурбетчија во Швајцарија им купи скали на тетовските пожарникари, ВМРО-ДПМНЕ им донира телевизор

Фото: Фејсбук/Општина Тетово/принтскрин

На располагање на Територијалната противпожарна единица Тетово од вчера ѝ е нова опрема, донација од граѓанин-иселеник од гостиварско во Швајцарија. Станува збор за скали со елеватор, кои ќе може да се користат при гасење пожари на висококатници, објави порталот „Тетовоинфо“.

Донаторот е Блерим Селмани од гостиварското село Ѓурѓевиште, кој живее и работи во Швајцарија.

-Во просториите на Територијалната противпожарна единица Тетово денеска примивме уште една нова донација , која значително ќе ги подобри условите на ТППЕ. Се заблагодарив на донаторот, Блерим Селмани и на командантот Ука Алити, кои со покажаната конструктивност, за потребите на ТППЕ Тетово , обезбедија донација од два пара скали со ескалатор со висина од 21 метар, кои ќе се употребаат во гаснење пожари во повеќекатниците. Ова значително ќе го олесни пристапот, но и ќе ја зголеми успешноста и брзината во акциите кога се гаси пожар во високи згради, вели тетовскиот градоначалник Биљал Касами.

Денеска, ден по донацијата со скалите, во тетовската противпожарна единица дојдоа и претставници на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ од градот, а на Фејсбук објавија дека донирале телевизор и им доделиле благодарница на пожарникарите.

Фото: УМС на ВМРО-ДПМНЕ Тетово

„Со еден скромен подарок од наша страна, сакаме да им се заблагодариме на овие модерни херои на град Тетово“, напишаа младите од ВМРО-ДПМНЕ.

Тетовските пожарникари со децении работат во тешки услови и изведуваат тешки и опасни интервенции без соодветна опрема. Тие во изминатиов период особено се истакнаа во напорите за гасење на големиот пожар во фабриката „Пофикс“, како и во справувањето со поплавите кои го зафатија градот пред неколку недели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот