Губиме пари затоа што нема повеќе жени-директорки, велат македонските менаџерки

За 25% поуспешни се компаниите во кои на раководните и одлучувачките позиции се жени, велат домашни менаџерки за Гласот на Америка на македонски јазик и посочуваат дека немањето родова еднаквост во бизнисот значи економски загуби и низок бруто домашен производ.

Разликата во платите, немањето еднакви можности, предрасудите од општеството… се дел од причините поради кои голем број жени се повлекуваат од напредок во кариерата. Така сметаат наши менаџерки кои внесуваат нови насоки на македонската бизнис-сцена.

„За истата работа, на иста позиција, со иста наобразба и професионално искуство, жените некогаш, дури и за подобро завршување на задачите, земаат пониска плата од мажите“, вели Филомена Пљаковска Аспровска, која е на чело на успешна компанија, а беше прогласена и за менаџерка на годината.

Таа вели дека компании кои на раководните места имаат жени, покажале за 25 проценти поголем успех.

„На сите треба да им бидат овозможени исти услови за работа. Тоа значи, исти плати за исти извршувања. Ист пристап до бенефиции, дали се тоа обуки, награди и слично. Само на тој начин вработените ќе бидат подеднакво мотивирани за да го дадат најдоброто од себе и наградени за учинокот“, додава Пљаковска Аспровска.

Неодамна во Скопје беше формирана и Алијанса за родова еднаквост на работните места. Поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска, е на чело на оваа Алијанса.

„Трите столбови се еднаква плата, еднаква застапеност, еднаква можност. И, има за цел да претставува една платформа којашто ќе им даде водечка улога на самите компании да ја промовираат родовата еднаквост преку успешни примери, преку споделување на нивните и преку заедничка контрибуција и придонес за напредок на ова поле“, вели Ангеловска.

Од Алијансата укажуваат дека платите на жените во некои случаи се дури 18 проценти пониски од платите на мажите, иако се работи за исти работни позиции. Бараат поголемо освестување од компаниите.

„Недоволната застапеност на жените во економијата претставува загуба за економиите и за бруто домашниот производ. Така и недоволната застапеност на жените на водечки позиции и во компаниите, и на менаџерски позиции и нивоа на одлучување, претставува потенцијално губење на профитите и растот на компаниите“, додава Ангеловска.

Целиот текст на Гласот на Америка на македонски јазик

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот