ГТЦ лани имал загуба од над 600.000 евра, директорот објаснува дека всушност биле во ќар

Градскиот трговски центар (ГТЦ) минатата година бил во загуба од 637.000 евра, пишува во образложението за финансиските резултати на компанијата, објавено од Македонската берза.

Трговскиот центар лани собрал вкупни приходи од над 3,7 милиони евра, што е за два процента повеќе од 2021 година. Од друга страна, вкупните трошоци забележале раст од три проценти, односно изнесувале околу 4,4 милиони евра.

Но, наспроти образложението, каде децидно е наведено дека е остварен негативен финансиски резултат во 2022 година, директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, во изјава за ТВ „24“ објаснува дека всушност биле во добивка, а „минусот“ се должел на амортизацијата.

„ГТЦ работи со добивка, а не со загуба. 639.000 евра се одраз на амортизација, која влегува во работењето на Градски трговски центар. Тоа е преку 40 милиони (денари). Ако ја тргнеме амортизацијата, тогаш сме четири милиони (околу 64.000 евра, н.з.) во добивка“, изјави Трајчевски.

АД ГТЦ управува со околу една третина од дуќаните во трговскиот центар. Тој лани беше центар на контроверзи кога полицијата проверуваше дали во подрумот нелегално се „копале“ криптовалути, а и покрај што беа објавени снимки од опремата, МВР соопшти дека немало копање за биткоини, а раководството на ГТЦ ги отфрли сите информации дека некој копал биткоини.

Сепак, сопствениците на дуќани во ГТЦ прашуваа дали тие морале да ги плаќаат огромните сметки за струја. Случајот, со кој неофицијално се поврзуваше компанијата на Елвис и Габриел Бајрам, кој е и советник во Град Скопје, немаше никаква разрешница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот