Групната изложба „Проект 4“ ќе биде поставена во КИЦ

Во Културно-информативниот центар – Скопје, во салоните „Империјал 1 и 2“ на 5 јули ќе биде отворена групната изложба насловена „Проект 4“ од ликовните уметници Татјана Армуш, Данијела Тасиќ Цветковиќ, Мила Алексиќ и Татјана Димитријевиќ од Србија.

– Проектот 4 не постои. Просторот во кој е родена идеjата, поставката на „Проект 4“, во еден момент поседуваше димензии во рамките на кои се наоѓаше сè, воедно и временската димензија во која, надвор од сето тоа, ништо не постои.

Оваа четворка може и во повеќедимензионалниот систем, неограничена повеќе со времето и просторот, да превземе некои нови облици, преку реализацијата на почетокот на едно ново заедништво, обидувајќи се да го пренебрегне сето она време што постои како вакуум зад сите нас. Минувајќи низ магловити предели, над плавите хоризонти, водена со колоритни патишта во црно-бели констатации, оваа поставка претставува постоење на различни патишта до исти сознанија: дека само движењето е живот, движењето не како инерција туку како свесно вложен напор према сознавањето на светот околу себе и во себе.

Со оваа поставка во новиот простор, со димензија на времето кое во себе ги содржи сите потенциални енергии за реализација на скоковите, преку и покрај наметнатите пониски енергетски битствувања, Проектот 4 не постои како фиксна, непроменлива детерминанта, туку го започнува својот пат на излез од зададените ни форми – овјаснува Мила Алексиќ, една од авторките на изложбата.

Татјана Армуш е родена 1986 година во Сомбор (Србија), каде завршува основно училиште и средно училиште. Дипломирала 2009 година на Факултетот на уметности во Приштина (со седиште во Звечани) на смерот Ликовна графика во класата на професорот Зоран Јовановиќ – Добротина. Реализирала три самостојни изложби и излагала на повеќе колективни во Сомбор, Нови Сад, Белград, Косовска Митровица и Грачаница.

Данијела Тасиќ Цветковиќ е родена 1974 година во Оџаци. Завршила гимназија „Вељко Петровиќ“ во Сомбор. По завршувањето на ВШЛИПУ во Белград, запишува Факултет за ликовна уметност, отсек сликарство. Дипломирала 2003 година, а магистрирала 2007 на истиот факултет во класата на професорот Јован Сивачки. Член е на УЛУС од 2003. Добитничка е на неколку награди за сликарство во текот на студиите и награда на Сомборскиот Ликовен салон 2017 година. Често учествувала на групни изложби, а излага и самостојно.

Мила Алексиќ живее и работи во Сомбор, учествувала на повеќе заеднички изложби и реализирала една самостојна. Се занимава со самоистражување низ концептот на монохромни инсталации и записи.

Татјана Димитријевиќ е родена 1965 година во Сомбор, Србија. Дипломирала 1988 на Академијата на ликовна уметност во Нови Сад, на отсекот за сликарство, во класата на професорот Душан Тодоровиќ. Излагала самостојно и на бројни колективни изложби во земјата и странство (Италија, Норвешка, Француска, Швајцарија), учествувала и на повеќе ликовни колонии. Од 2009 до 2018 година ја реализирала стрит-арт акцијата на плоштадот „Св. Тројство“ во Сомбор.

Групната изложба „Проект 4“ ќе биде отворена до 23 јули 2022 година, известија од КИЦ – Скопје.

Видео на денот