Групата „Вагнер“ привела руски војник кој пијан нападнал нивно возило

Платеничката група „Вагнер“ соопшти дека привела редовен офицер на руската армија, кој наводно отворил оган врз нивно возило во Украина. На видеото службеникот вели дека инцидентот се случил додека бил пијан, поради неговата омраза кон „Вагнер“, пренесува „Би-Би-Си“.
Претходно, шефот на групата, Евгениј Пригожин изјави дека руската армија ги минирала патиштата што ги користел „Вагнер“ за да го напушти градот Бахмут. Меѓи „Вагнер“ и руската регуларна армија има долгогодишни тензии, иако тие се борат на иста страна. Пригожин, изврши неколку жестоки напади врз највисоките претставници на руската одбрана, често жалејќи се на недостиг на муниција за време на битката за Бахмут во источниот украински регион Доњецк. Групата „Вагнер“ ги предводеше борбите таму за руската страна, што стана најдолгата и најкрвавата битка во војната.
Минатиот месец, групата тврдеше дека ја презела целосната контрола врз градот и дека ќе ја префрли контролата на руската армија. Во видеото објавено на „Телеграм“ на прес-службата на Пригожин, се гледа како рускиот офицер е испрашуван за инцидентот.
Во него тој вели дека отворил оган врз возилото додека бил во алкохолизирана состојба, поради неговиот „личен анимозитет“. На прашањето зошто не ја сака групата Вагнер, тој одговорил дека „не знае“.
Непосредно пред објавувањето на видеото, Пригожин објави извештај во кој тврди дека групи поврзани со руското Министерство за одбрана поставиле експлозив на патиштата од Бахмут, кои борците на „Вагнер“ го користеле за да го извлечат од градот.
Иако е тешко да се проверат тврдењата на групата „Вагнер“, најновите наводи се уште еден знак за тешките односи меѓу приватната воена компанија, која претрпе огромни загуби во борбата за Бахмут, и руското Министерство за одбрана.