Груевски може да земе и плата од 1.000 евра и К 15

Груевски по правосилноста на пресудата за предметот „Тенк“ избега во Унгарија каде побара и доби азил. / Фото: Слободен печат

Почесниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од вчера веќе не е пратеник во Собранието, бидејќи му беше констатирана оставката од пратеничката функција која ја поднесе преку нотар од Унгарија каде избега за да не оди во затвор. Но тоа што не е повеќе пратеник и што има правосилна судска пресуда не значи дека нема веќе да биде на државни јасли, бидејќи според првичната информација од кабинетот на претседателот на Собранието, тој има право на апанажа односно плата од околу 1.000 евра, а според Законот за пратеници и право на регрес за годишен одмор популарно наречен К 15.

Во Законот се наведува дека пратеник кој најмалку две години ја вршел оваа фунција може да добива плата кој изнесува околу 1.000 евра уште една година. Правото се стекнува врз основа на лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата. Пратеник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето ги има истите права. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор.

Законот предвидува две ограничувања во користење на правото на апанажа. Првото е во случај на стекнување на услови за старосна пензија. Второто регулирано со член 23 вели дека пратеникот не може да оставари право на апанажа, односно истото може да го изгуби ако е правосилно осуден за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие.

Груевски е осуден за кривично дело „Примање награда за противзаконско влијание“ за што му е изречена казна затвор од две години.

Во Собранието засега никој не сака да коментира дали кривичното дело за кое е осуден Груевски може да се смета за кривично дело сторено од користољубие.

Пратениците од владејачкото мнозиство велат дека Груевски воопшто не би требало да помисли да бара апанажа, а како ќе се постапи и дали ќе му се дозволи да го користи ова право ќе се види од дискусијата на Комисијата за избор и именување каде барањето ќе треба да се разгледува доколку биде доставено. Комисијата ја води Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, но ако дојде до гласање, позицијата може да ја надгласа опозицијата.

Денеска од кабинетот на собранискиот претседател Талат Џафери нема попрецизно објаснување околку правото на апанажа за Груевски, односно околу тоа дали делото за кое тој е осуден може да влезе во дела направени од користољубие.

-Да почекаме да видиме прво дали ќе има барање, а потоа ќе дадеме официјално објаснување – велат од кабинетот на Џафери.

Обично овие барања за апанажа, користење на службено возило и слично воопшто и не се поставуваат како посебни точки на дневен ред на седниците на Комисијата за избор и именување, туку поминуваат под една точка „разно“, без никаква дискусија само со гласање. Интересно е и што за ваквите барања ги нема ниту во материјалите за собраниските седници и седниците на работните тела на Собранието кои се објавуваат на официјалната интернет страница на законодавниот дом.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот