Груевски: Имавме желба Македонија да функционира како комбинација од Луксембург и Англија

Груевски по правосилноста на пресудата за предметот „Тенк“ избега во Унгарија каде побара и доби азил. / Фото: Слободен печат

Поранешниот премиер и азилант Никола Груевски, се јави од Будимпешта, преку нов статус на својот Фејсбук профил.

Овојпат, Груевски зборува за начинот на кој тој ја водел земјата, како и за тоа дека сега „кружеле многу невистини поврзани со замислата на владата која ја предводел“.

Идејата и визијата беше да се привлечат мултинационалните финасиски компании своите главни седишта да ги префрлат во Македонија и од тоа Македонија да има повеќестрана корист.

Идејата беше со цел да добие кредибилитет и доверба, како и атрактивност, во зоната да важат финасиските и регулаторни закони на Англија, имаше и идеи да важат законите на Луксембург или комбинација од двете, иако повеќе преовладуваше Англија. Додадената атрактивност ќе беше што ќе понудевме прилично пониски даноци и севкупни трошоци од Англија, земја чии главен град е еден од најголемите финансиски центри во светот.

Двете се земји членки на ЕУ, со законодавство усогласено со европските директиви и не сум слушнал дека се перални на пари или некакви оф-шор дестинации.

За таа цел беше потребна промена на уставот во смисла дека со посебен закон на одреден дел од територијата на земјата може да се примени законодавството на друга држава.

Имаше повеќе меѓународни консултанти кои преку повеќе мои соработници се понудија да дадат идеи и да пружат услуги во развојот на таа идеја. Се сеќавам дека имаше некои од Германија или Швајцарија и од други, главно европски држави, но не исклучувам некои од нив да биле регистрирани во Лондон. Ги слушавме идеите и предлозите на сите нив, но ние градевме наш, а не нивен концепт. Нашиот концепт се засноваше на финасиска зона со многу висок кредибилитет, прифатена од ММФ и ЕУ и контролирана од нив., пишува Груевски на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот