Груевски имал амбициозни планови за Водно, сакал да гради голема барокна палата со базен

Никола Груевски
Никола Груевски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Архитектонскиот проект за градбата што сакал да ја гради поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, денеска беше презентирана како доказ против него од страна на Обвинителството во случајот „Плацови на Водно“.

Според обвинителката Лиле Стефанова, Груевски сакал да гради голема палата во барокен стил, со базен и огромен балкон. Објектот, планиран како двокатен, требало да има големи столбови и скали кои воделе до влезот, а Општина Центар издала одобрение за градба во 2011, на фирмата ИТК инженеринг.

Груевски, според Стефанова, требало да биде таен сопственик на палатата, но во 2020-та одобрението е прогласено за ништовно, откако изградбата не почнала во предвидениот рок.

Во обвинението за спорната купопродажба на речиси три илјади квадратни метри земјиште на јавно наддавање во Министерството за транспорт се опфатени и ексначалникот на УБК и братучед на Груевски, Сашо Мијалков, како и бизнисменот Орце Камчев. И двајцата се во притвор, а денеска Камчев повторно се пожали за односот кон него во затворот.

Тој лично, но и преку адвокатот Тони Менкиновски, се пожали на понижувачки однос во затворот Шутка затоа што на 5 октомври, пред да биде спроведен да даде исказ за случајот „Империја“ во Обвинителството за гонење организиран криминал, бил претресуван со лисици, при што, како што кажа, полицајците се изживувале со него.

Скопска Апелација денеска ја одби жалбата на Камчев со која тој бараше замена на притворот со домашен притвор.

Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.

Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје- овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот