Груевски го нападна Заев: Тој е нечовек, монструм и инфериорен - Слободен печат
ВестиМакедонија

Груевски го нападна Заев: Тој е нечовек, монструм и инфериорен

Екс премиерот е поттикнат од последната „бомба“ на Ел Чека за убиството на Мартин Нешковски каде е објавен целиот разговор меѓу Груевски и Јанкулоска.

Азилантот и екс премиер Никола Груевски од Будимпешта, објави нов статус, во кој остро го напаѓа премиерот Зоран Заев нарекувајќи го  „нечовек, монструм и инфериорен“. Според него, Заев ја манипулирал јавноста кога ја објавил „бомбата“ за убиството Мартин Нешковски, а во која, според СДСМ, се слушаа гласовите на Груевски и тогашната министерка Гордана Јанкуловска кои се договараа како да го амортизираат незадоволството на јавноста по неуспешниот обид да се скрие убиството на младото момче.

Статусот на екс премиерот е поттикнат од последната „бомба“ на Ел Чека за убиството на Мартин Нешковски каде е објавен целиот разговор меѓу Груевски и Јанкулоска, по што профилот на Ел Чека беше избришан од Фејсбук. СДСМ во проектот „Вистината за Македонија“ објавија извадок од разговорот, во траење од неколку минути, каде двајцата тогашни функционери коментираат дека немаат контрола над специјалните единици и дека ги прикриваат нивните дела, а во еден момент Груевски вели дека „Урко лаже ко циган“.

Наспроти тврдењето на Груевски, новата целовита снимка покажува дека не е интервенирано во извадокот од неколку минути.

„Монтираниот аудио материјал за убиството на Мартин Нешковски имаше цел да биде најемотивната “бомба” чија “експлозија” требаше да ги извади луѓето на улица, во шатори пред владата и да предизвика насилни протести со многу повредени полицајци, со цел кулминација на политичката криза која ја создаде. Во таа криза ја гледаше својата шанса за доаѓање на власт, бидејќи поинаку беше инфериорен и беше и остана неконкурентен политичар надвор од локалното ниво, по речиси сите критериуми“, пишува Груевски за Заев.

Според него, Заев манипулирал со јавноста и со меѓународната заедница, за да ја прикаже, како што вели, тогашната власт во негативно светло.

„Народот го измами со купишта вакви фабрикувани материјали и измами. Прво монтирани снимки кои создаваат “експлозија од емоции” кај народот, а потоа по доаѓањето на власт, нова измама преку притисок и наредба на судиите да ги прифатат овие монтирани снимки како клучни докази и шокантно и без објаснување како никаде во светот, да не прифатат нивно судско вештачење на нивната целовитост и автентичност. Целта повторно монструозна и нечовечка: своите политички конкуренти да ги заглави по судови, притвори, затвори и да бидат уништени во секоја смисла. За да владее по неговиот испробан терк “едно евро за Вицето” што подолго. Баш фашистички монструозно. Каков нечовек треба да е некој за вака да ги остварува своите цели?“, напиша Груевски.

Според Груевски, Заев останал доследен „само на ветувањето дека ќе ги прифати сите барања на соседите во однос на македонското национално прашање, а за возврат да добие поддршка да владее на ист начин како во што видовме како претходно владеел во Струмица“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close