Груби вели дека антибугарските чувства во јавноста се „наметнатата свест од поранешна Југославија“

Артан Груби
Артан Груби / Фото: Facebook

Со влегување на Бугарите во преамбулата на Уставот, добиваат Македонците, затоа што така се прави разлика меѓу Македонците и Бугарите и со тоа завршуваат претензиите дека сите Македонци се Бугари, изјави вицепремиерот Артан Груби во интервју за телевизијата „Шења“ и порталот zoom.mk.

Груби уверува дека ниту Преспанскиот, ниту Договорот за добрососедство со Бугарија се против Северна Македонија и македонскиот народ. Вицепремиерот вели дека во провладините медиуми во моментов има активна кампања против уставните измени и дека не знае кој стои зад неа.

„Не знам кој ги храни наративите против уставните измени во провладините медиуми, но знам дека храбро е донесена одлуката за склучување на договорот за добрососедство со Бугарија. Ја гласавме во Владата и беше усвоена во Собрание. Јасно е дека имало резерви да не се направи некој превид и се покажа спротивното и започнавме преговори со ЕУ“, рече Груби.

Тој верува дека јавната кампања во медиумите против внесување на Бугарите во Уставот е поврзана со негативните чувства што за време на поранешна Југославија постоеле кон Бугарија.

„Овдешната јавност е многу чувствителна кон прашањето со Бугарија поради наметнатата свест од поранешна Југославија. Вие добро знаете како ја доживувавме Бугарија во осумдесеттите и деведесеттите години. Ние тогаш имавме подобар стандард од Бугарите, додека сега Бугарија е членка на ЕУ и на НАТО. Сега тие нѐ условуваат и тоа ги иритира граѓаните“, оценува Груби.

Коментирајќи ги резултатите од анкетите на јавното мислење, според кои се бележи пад на поддршката на етничките Македонци за ЕУ, Груби негира дека владата го храни евроскептицизмот преку провладините медиуми.

„Можеби луѓето што ги водат тие медиуми имаат такви убедувања. Знам дека постои аверзија против уставните измени и договорот со Бугарија. Но, ние треба да ги решаваме проблемите, да донесеме тешки одлуки, кои ќе бидат праведни и добри за луѓето. Ако сакаме да влеземе во ЕУ, треба да донесеме тешки одлуки и треба да мислиме за идните генерации, а не за следните избори“, истакнува Груби.

Ако Македонците и Албанците се поларизираат околу уставните измени, тогаш ќе се доведе во прашања европската иднина на земјата, вели тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот