Груби со ветување за понежниот пол: Мора да има родова рамноправност во политиката

Фото: mia.mk

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, кој пред два дена најави владини субвенции за вработувања во приватниот сектор по етнички клуч, денеска вети дека ќе се заложи да ја поправи сегашната „слика” во однос на родовата еднаквост во политиката во земјава, нагласувајќи дека за него таа не е прифатлива.

Тој рече дека во неговата партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), која е коалициски партнер во новата Влада, е започнат процес на огромно партиско реформирање. Во новиот владин состав од 19 министерски позиции, само четири им припаднаа на жени, ДУИ немаат ниту една жена министерка, а во однос на предлогот за нивните заменици, кои вчера ги објави Владата, има само две жени.

–  Деведесет и два отсто од шефовите на подграноците се нови, 95 отсто од шефовите на ограноците се нови, 70 отсто од Генералното собрание на партијата се нови членови, од кои 43 отсто се жени, 39 отсто од кандидатите за пратеници беа жени на листите на ДУИ. Прва партија во нашата држава која што воведе секретар на исто ниво на кое што сум јас и во партијата за еднакви можности со тоа што го префрлуваме Женскиот форум да не биде посебно тело во партијата, туку да биде дел од партиските органи. Прва партија која што имаше градоначалник на рурална општина во Осломеј, прва партија која што имаше градоначалник на урбана општина – Теута во Тетово. Прва партија која што имаше потпретседател на Собранието. Ќе се заложам за да ја поправиме таа слика која што и за мене не е прифатлива, одговори Груби.

Министерот за здравство Венко Филипче, посочи дека во секторот здравство има огромен број на жени кои се поставерни на директорски и на менаџерски позиции и тие клиники и болници навистина се едни од најдобрите и покажаа многу добри резултати во однос на напредокот на институцијата, имплементирањето на нови методи, намалувањето на бројот на испраќање на болните во странство.

– Така што освен што се жени на менаџерски позиции, секако дека има и во тимовите. Има една изрека доколку сакате да решените некаков проблем па и општествен тогаш треба да се мобилизираат и жените, нагласи Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот