Груби: Сите прашања со пријателска Бугарија ќе ги надминеме со дијалог

Артан Груби / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Јас сум убеден дека во конструктивна средба и со пријателска Бугарија во пријателски манир ќе се надминат сите прашања и Бугарија ќе остане наш најголем поддржувач за европска и евроатлантска Република Северна Македонија, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вечерва во 24 анализа.

– Договорот е еден, тој што е потпишан, тој што е ратификуван и во нашето Собрание и сметам дека двете страни треба да се придржуваат на договорот, да го имплементираат договорот и да најдеме заеднички јазик за сите работи коишто се содржани во тој договор. Нема нови документи, нема нови условувања, нема никакви работи на маса или под маса коишто би се дискутирале, туку се придржуваме на договорот и на се што е составен дел од договорот, рече Груби.

Во врска со нови уставни измени на инсистирање на Бугарија, Груби дециден дека апсолутно нема.

– Официјално нема никаков предлог, официјално нема никаква идеја. Официјално постои само добрососедскиот договор со Република Бугарија. И комисиите работат на усогласување на ставовите по однос на сите тие составни точки на Договорот за добрососедство со Република Бугарија. Нема никакви условувања, нема никаква потреба  за промена на Уставот на РСМ и јас сум убеден дека во духот на добрососедството и во духот на копретседавањето со Берлинскиот процес помеѓу Софија и Скопје ќе се надминат и овие прашања и заеднички ќе изнајдеме јазик да отпочнеме со првата меѓувладина конференција на крајот на декември годинава под германското претседавање со Советот на ЕУ, нагласи Груби.

На прашањето дали има опасност за македонскиот јазик, вицепремиерот Груби одговори дека според тоа што го знае нема никаков ризик.

– Нема никаква опасност и по македонскиот јазик и по македонскиот народ и по македонскиот етникум и по нашата заедничка држава и сметам дека Бугарија е и ќе остане нашиот најголем поддржувач на нашиот пат кон ЕУ. Треба да најдеме заеднички јазик и сите тие моменти коишто ни се заеднички во историјата заеднички да ги прославуваме и заеднички да ги одбележуваме. Нема ништо лошо во тоа, има многу светски личности коишто се слават и коишто се одбележуваат во повеќе држави, дури и во светски размери, така што и историските личности коишто не зближуваат како две држави мислам дека има простор да ги одбележуваме и заеднички да ги славиме, изјави Груби.

Во однос на прашањето за Гоце Делчев, Груби смета дека се е премостливо и решливо и оти во духот на добрососедство, потенцира, се може да се постигне.

– Така ја започнавме работата на минатото парламентарно и владино мнозинство со првиот договор помеѓу Скопје и Софија којшто се потпиша на Илинден помеѓу премиерите Заев и Борисов и тој дух на добрососедство всушност ни донесе и среќа затоа што го решивме и прашањето со името – Договорот од Преспа, го променивме Уставот, се зачленивме во НАТО, добивме одлука за одпочнување на преговори со ЕУ. Затоа имајќи ги предвид сите овие компромиси на кои вие се повикувате сметам дека граѓаните на нашата држава апсолутно заслужија да отворат преговори за членство во ЕУ и да станат час поскоро и членка на ЕУ. Нашите граѓани не заслужуваат повеќе пречки и нема потреба за повеќе компромиси, рече вицепремиерот Груби.

Работите што не доближуваат нас и Бугарија, истакна тој, се многу повеќе и многу поголеми отколку работите што не разделуваат.

На прашањето кои предлози од страна на Бугарија биле ставени на маса, вицепремиерот Груби посочи дека според неговите информации нема никакви предлози на маса. Дополни дека има дискусија на средбите што траат и по еден час и повеќе и има размена на идеи, на размислувања за надминување на кои било отворени прашања.

Што се однесува на одлуката од Софија 24 Мај да биде преименувана во Денот на бугарските просветители, Груби меѓу другото подвлече дека е приврзаник да одиме напред, а не да гледаме назад.

– Сепак, пак ќе кажам дека не треба историјата да ни биде пречка за иднината. Јас сметам дека за се може да се изнајде заеднички јазик, дека секое прашање е решливо преку дијалог, преку разбирање и преку искрен пристап од двете страни. Јас сум убеден дека тоа ќе го постигнеме со нашите пријатели во Бугарија, рече во 24 анализа вицепремиерот Груби. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот