Груби почнува да губи

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Додека опозицијата ги блокира процесите, измислува форми на филибастеринг и постојано бара предвремени избори, миниреконструкцијата на Владата, за која се шпекулира подолго време, поголеми шанси има да ја направи Ахмети отколку премиерот Ковачевски

Ќе им успее ли на 20-ина незадоволни од дезинтегрираната унија на „интегративци“ (ДУИ) да го постигнат она што на целата опозиција не ѝ успева – да побараат отчет од (дел од) Владата и да се изгласа интерпелација на вицепремиер или на министри во тимот што го предводи премиерот Димитар Ковачевски, ама тoа да се случи во Мала Речица? Дури ни „семоќниот“ Талат Џафери, овој пат не може да се повика на деловник или на правото како што само тој го толкува. Само затоа што во конкретниот случај има некој и над него – „мисионерот“ Али Ахмети!

Привременото примирје во „ескалираната војна“ (Муса Џафери) го соопшти Ахмети лично: на 15 октомври ќе се избере ново Централно собрание, а потоа ќе се разговара за политичката ситуација и пред новото раководство ќе реферираат и министрите од ДУИ. Војската што некогаш беше построена зад некогашниот лидер на ОНА, очигледно попушти под притисокот на „дезертерите“.

„Псе јо“ трик на стариот лисец Ахмети му донесе победа на ДУИ во албанскиот блок и повеќе моќ во извршната власт, колку и самата помисла за прв премиер Албанец да изгледаше дрска за неподготвените за таков пресврт етнички Македонци. ДУИ доби 15 пратеници, пет важни министерства, згора и прв вицепремиер. Но, форсирањето на новите мирнодопски јуришници во ДУИ, Артан Груби и Бујар Османи, предизвика незадоволство во партијата. Комотноста во фотелјите на „интегративците“ дополнително ја наруши поразот на ДУИ на локалните избори во Тетово. Одот по жица и балансирањето со полугите на власта (читај тендерите) не го згасна револтот на „огнените“, и со цел да спречи потреси во Собранието и Владата, Ахмети мораше да попушти. Што е, на некој начин, и изнудено поради тенкото парламентарно мнозинство што ја поддржува власта.

Од друга страна, среде процес на скрининг како дел од евроинтеграциите да се менува „половина Влада“ по налог на партиски фракции, колку идните министри и да ја спроведуваат однапред договорената владина програма, е проблем што не го засега само ДУИ. Наследникот на Зоран Заев во премиерската жешка столица Димитар Ковачевски, само ја продолжи „тактиката на ненапаѓање“ кога се во прашање кадровските решенија на Ахмети. Превирањата во ДУИ Владата ги оцени како „внатрепартиски работи“, иако е јасно дека во Мала Речица се спасува и парламентарното мнозинство и актуелниот владин состав.
Прифаќањето на барањето да се избере нов состав на Централното претседателство на ДУИ пред кое отчет ќе треба да дадат вицепремиерот и министрите од ДУИ е најава за персонални промени во Владата под притисок на „огнените“, освен ако Ахмети не измисли некој нов маневар. Претходно беа пуштени и гласини дека Бујар Османи бил понуден да биде жртвуван за да се смират страстите, што наводно не ги задоволило незадоволните во ДУИ што бараат оставка од Груби. Како и да е, премногу несериозно е да се лицитира со вицепремиерско или со местото шеф на дипломатија поради лукративни мотиви на поединци, спакувани зад фрази за недостиг од демократија во партијата.

Делегитимирањето на институциите, пак, претставено преку лидерски средби, се надградува и проширува преку уцени на поединци од кои зависи парламентарното мнозинство. Партиски преговори ги заменуваат седниците на парламентот и Владата, што во практика значи стеснување на кругот на т.н. носители на одлуки, од кои зависи иднината на земјата. Не дека Груби, Османи, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Насер Нуредини не треба да дадат отчет за своето работење. На сите може да им се најдат забелешки поради пропусти во раководењето со нивниот ресор, но кога јавно ќе се постави прашањето за одговорноста на министрите од ДУИ, наместо дебата во Собранието, по правило одговорот е – „го признавам само судот на Али Ахмети“. Недозволив став за демократски општества, но не и за нашето, каде се одржува континуитетот на султан-партиите, на кои им одговара нефункционирање на системот само заради концентрација на моќта кај поединци.

Оттаму, додека опозицијата ги блокира процесите, измислува форми на филибастеринг и постојано бара предвремени избори, миниреконструкцијата на Владата, за која се шпекулира подолго време, поголеми шанси има да ја направи Ахмети, отколку премиерот Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот