Груби: Оставката на Заев од премиерското место треба да почека

Артан Груби
Артан Груби / Фото: Фејсбук, Артан Груби

ДУИ ќе ја почитува внатрепартиската одлука на СДСМ за избор на нов претседател кој е најавен дека ќе биде избран на 12 декември. Првиот вицепремиер Артан Груби, денеска изјави дека тоа е нивно внатрешно партиско прашање кое што тие го почитуваат и нагласи дека им посакува голем успех на 12 декември на внатрепартиските избори за партиски лидер.

– Ние ќе ја почитуваме таа одлука и ќе го прифатиме секако вердиктот на сите нивни членови коишто ќе одлучат кој ќе биде нивниот следен лидер на 12 декември. Во однос на оставката на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија сметаме дека за тоа треба да се почека. Имаме многу битни прашања пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со г. Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите тие процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања коишто се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и отпочнување на преговори за членството во ЕУ, рече Груби, кој заедно со европратеникот Илхан Ќучук го посетија ОУ „Исмаил Ќемали”.

Во однос на парламентарното мнозинство, дополни, Груби, ги видовте и вчера ставовите и на СДСМ и на Алтернатива, а тоа ние веќе го кажуваме од денот кога имаше интерпелација на Владата, гласање за недоверба дека парламентарното мнозинство е стабилно и ќе продолжи и тоа го демонстриравме најдобро можно на денот кога требаше да се гласа во Собранието.

-Впрочем со тоа ги убедивме граѓаните дека е неуспешна иницијативата на опозицијата за да се сруши ова прогресивно парламентарно мнозинство и очекувме дека и другите политички партии коишто беа дел од таа иницијатива да се приклучат кон парламентарното мнозинство и да не станат дел од мрачни сценарија за нашата земја која што очекува да го реши спорот со Бугарија, наведе Груби.

Имаме, посочи, многу позитивна атмосфера, тоа го говоревме и со европратеникот и сме подготвени да дадеме одговор на сите тие прашања.

Тој воедно истакна дека Заев има директни контакти со Алтернатива и ги информира.

– И ние сме имале контакти со членови на партијата, секојдневно се среќаваат нашите пратеници со нивните пратеници. Какко што реков, апсолутно добредојдени се сите што саката евроатлантска Република Северна Македонија во добри односи со сите соседи и во одлични односи помеѓу заедниците во нашата земја. Сите тие пратеници коишто сакаат таква една развојна прогресивна Македонија се добредојдени затоа што само така ќе ја унапредиме државата, рече Груби.

Порача дека не е време за кризи. – Апсолутно не е време за кризи. Време е да ги засукаме ракавите и навистина да испорачаме како што испорачавме НАТО, како што испорачавме со Преспанскиот договор така и да испорачаме и со Добрососедскиот договор. И Охридскиот рамковен договор го испорачавме. Граѓаните немаат време да се тормозат од трагедија па се до неизвесности. Мора да има извесност во нашата држава каде и што ќе се случи утредента, а тоа што утредента е единствената желба на сите граѓани да ја видат нашата држава во ЕУ, изјави Груби

Меѓудругото тој кажа дека парламентарното мнозинство ќе се стабилизира, ќе биде поголемо од тоа што е сега и ќе треба да го заврши мандатот во 2024 година.

– Предвремени избори можеби може да се дискутираат заедно со претседателските избори коишто треба да се одржат во 2024 во месец април или мај. Ние сме подготвени да ги прифатиме сите тие демократски сили во Собранието коишто ја посакуваат, работат и се залагаат за евроатлантска Република Северна македонија. Сметам дека тоа треба да е поривот некој да дојде во влада или да прифатиме некој да дојде во влада. Програмските определби, позициите се всушност за да им служат на граѓаните и да ги најдеме најдобрите луѓе, одговорни луѓе за да го испорачаат тој дел од програмата којшто ќе го усогласиме, рече Груби.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот