Груби му прави еуфорија на Ахмети: Тој доаѓа во Чаир

Првиот вицепремиер Артан Груби, кој е најблизок соработник на лидерот на ДУИ Али Ахмети на својата фан-страница на Фејсбук се обидува да создаде еурофија по повод обраќањето на Ахмети на утрешниот митинг во спортска сала во населбата Чаир.
Тој напиша дека сите чаирчани биле на нозе и зборувале дека тој доаѓа.
„Ми недостигаше ваква мобилизација и еуфорија каква што се создава кога се очекува да дојде националниот лидер Али Ахмети во Скопје! Ветувам невиден спектакл, особено за младите. Не пропуштајте го, зашто потоа ќе барате да слушнете од другите како беше да се биде дел од историскиот митинг од кој ќе се гради иднината“, напиша еуфорично првиот вицепремиер Груби.
ДУИ деновиве го промовираше слоганот „Да! Тој доаѓа“, по што се шпекулураше дали се мисли на првиот премиер Албанец, кој се очекува 100 дена пред парламентарните избори, што беше демантирано од високи функционери на владејачката партија.
ДУИ и официјално го најави митингот во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир, утревечер во 19 часот.
Митингот се случува откако лидерот Ахмети го именуваше Бујар Османи за координатор на огранокот на партијата во Чаир, што го налути потпретседателот на ДУИ и неформален предводник на т.н. „огнена група“, Изет Меџити, кој утрешниот митинг го нарече собир на „артанисти“, а претходно го опомена Ахмети дека одлуката му е нелегитимна, бидејќи не поминала низ партиските органи.