Груби демантира дека е близок со лицата кои го запалија државното знаме

Фото: Facebook/Артан Груби

Поранешниот вицепремиер и функционер на ДУИ, Артан Груби, го осуди палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на Албанското знаме. Во својата објава на Фејсбук тој ги демантираше наводите за неговата поврзаност со настаните искажани од Коалицијата „Влен“ и побара јавно извинување.

– Немате сила! Ниту знаење, ниту храброст, но уште поважно, ја немате волјата на Албанците, туку ја имате милоста на ВМРО и желбата да се потчинуватe и да им служите. Го осудувам насилството и палењето знамиња, како што го осудувам и институционалното поттикнување на тензии и селективната моноетничка правда и во најсилна можна форма демантирам каква било моја наводна монструозна и пропагандистичка поврзаност со настаните од 28 ноември. Срамот што си го наметнавте на себе и на вашите семејства не се покрива со никаква клевета, затоа, согласно законот, очекувам извинување од клеветникот во рок од 24 часа, во спротивно ќе го тужам за откривање на неговите лаги кои им се секојдневие, стои во објавата на Груби.

Коалицијата „Влен“ денеска на прес-конференција обвини дека младите кои го запалија државното знаме на Денот на албанското знаме се блиски соработници на поранешниот вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

– Со задоволство и гордост можеме да соопштиме на пошироката јавност дека Денот на независноста на Албанија се сметаше за идеален момент за дестабилизација на ДУИ, овој план беше срушен со 17 лице притворени. Зашто, никој никогаш во замена за ништо не може да запали државни и национални знамиња, без разлика на нивната припадност. Ние ја завршивме нашата работа многу професионално и многу брзо. Со жалење и загриженост ве известуваме дека ВЛЕН обезбеди и фотографии кои докажуваат дека младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на мајсторот на казиното, Артан Груби, изјави денеска Арбен Фетаи, секретар за надворешни прашања од Алијанса за Албанците, кој е и актуелен заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење.

ВРЕДИ: Лицата кои го запалија државното знаме се блиски соработници на Груби

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот