Гром од ведро небо

Оригиналниот наслов на текстот беше „Укинете го ресорот култура“ бидејќи беше пишуван по објавата/предупредувањето на двата синдикати од културата – СКРМ и СОНК – контра легендарното ни Министерство за култура за неисполнување на обврските од Колективниот договор, во вторникот, кога започнаа да кружат и слухови за некакви можни „кандидати“ за министерското место во култура. Денес нештата се битно поинакви и нема веќе потреба од таков песимистички наслов. За тоа ќе кажам збор-два во вториот дел!

Инаку, спомнатата објава на синдикатите наликуваше на очекуваната последна страничка во никогаш прочитаната книшка за македонската култура од страна (и) на оваа власт. И можеби е најсрамната, зашто толкава незаинтересираност, толкава неспособност и неукост на едно министерство токму за работите за коешто е надлежно е – незамислива. Незамислива не поради друго, туку поради фактот што тоа министерство, како впрочем и многу други во оваа влада, се однесува(ше) како да е дел од некоја друга држава, од некоја друга власт и систем, за него како да не важеа овие процедури и закони, македонските стандарди и критериуми (такви какви што се). И никого во оваа влада тоа не го возбудува(ше), како оваа култура да е вон границите на државата и вон интересот на власта, па цели две и половина години ниту едно око да не се заврти во нејзината насока! Да го кажеше некој ова во 2016 година, во екот на граѓанските протести и „Шарената револуција“, кога речиси целата култура освен оној антикултурен „патриотски“ отпад застана зад ветувањата на сегашната власт, немаше да му веруваме!

Кога една држава, еден државен орган така ноншалантно не ги почитува договорите што самата ги подготвила и склучила, кога една држава односно еден државен орган како Министерството за култура, не ги почитува званичните документи што самата ги изгласала во највисокиот законодавен дом, кога една држава, односно нејзиното Министерство за култура, наспороти сите случувања и јавни одгласи во последниве месеци во еден важен сегмент од културата како што е филмот не реагира ниту со збор не пак со дело… тогаш многу нешта говорат во прилог на сè почесто спомнуваната теза дека на оваа држава навистина не ѝ треба култура!

Се разбира, горенаведените примери се само дел од оние многу небулози, некои и со катастрофални последици, што ја следеа македонската култура во изминативе три години. Но тие се важен, многу важен дел, зашто во нив станува збор за еклатантно непочитување на законски процедури, на донесени стратегии, на владини заклучоци… Тие се само врвот на сантата мраз, а под него се кријат уште едно чудо заборавени и полузаборавени скандали, случаи, прекршени ветувања. А тој што ќе се обиде сето ова да го припише на некаков (нов и изолиран) инцидент или некакво недоразбирање помеѓу (сè уште) актуелните коалициски партнери, или навистина не ќе знае што говори или свесно говори дебели лаги. Со опашки! Зашто, прво, премногу „изолирани“ инциденти се случуваа годиниве за да поверуваме дека сепак станува збор само за некакви минорни пропусти и лични слабости. И второ, не можете да ги третирате како инцидент, на пример, изминативе три годишни конкурси за финансирање на културата, каде се вршеше општ грабеж на државни пари со премолчени согласности помеѓу коалициските партнери, каде за таквите партиски поделби на културниот колач кумуваа сите – од горе до долу по партиско државната хиеарархија – а директната егзекуција ја вршеа повторно партиски дилетанти, заседнати во таканаречените стручни комисии! Или, трето, не е изолиран инцидент доделувањето на ресорот култура од еден неспособен „министер“ на друг еднакво неспособен „министер“ само поради тоа што тие ви се коалициски партнери. Или, четврто, уште помалку можете да се нарекувате реформска власт а да не сте започнале ни со буквата „р“ од најавените реформи во културата, туку ресорот сте го дозаглавиле уште два метри плус во оној жабурник оставена од пуфлата… ! И кога би продолжиле со списоков, до каде би стасале?

Па, би стасале токму таму каде што стасавме: до неисполнувањето на клучните одредби од Колективниот договор за културата, потпишан со голема помпа (како што впрочем и бидува кај нас!) уште во декември 2019 година, а со важност од 1 јули оваа година. Е, ама, како и обично – цврц, нула, зеро… ! И сега пак ќе биде виновна короната, па коалицискиот партнер, па времето – вакво никакво во август – па фактот дека уште не се знае дали децата ќе тргнат во училиште навреме, а можеби и зафатеноста на министерката за финансии со вадењето пари од македонските банки пред стечај, нели?! Здодевно ќе биде да се слуша оправдувањето на оваа техничка влада во нејзините последни часови, здодевно и заморно зашто ниту едно оправдување или не дај боже извинување не е и нема да биде искрено, уште помалку ќе биде точно.

Затоа, ми се чинеше дека единствен логичен предлог во вакви услови е новата влада да го укине ресорот култура. Не се шегувам, сериозен сум зашто сето ова веќе преминуваше во мачење, во т.н. кинеска тортура капка по капка. И никој немаше многу да загуби. Културата ќе преживее, секако, како што преживеала и во минати еднакво лоши времиња – под турско, грчко, српско…

  1. Но, денес, по оној гром од ведро небо, нештата битно се менуваат. Во ресорот треба да дојде министерка со долгогодишен стаж во културата и во науката, но и со тригодишен стаж како претседател на собраниската Комисија за култура! Што ќе рече – запознаена целосно со сите проблеми во ресорот, па ќе нема држ-недај, дај да се запознаам со работите, со луѓето, институциите. Ако македонската култура во поновово време некогаш имала среќа, тоа е сега. Затоа ова и ми дојде како гром од ведро небо, особено по оние калкулантски слухови за секакви шушумиги што требаа таму да бидат згрижени, што ќе беше нова катастрофа за сите. Ама, има и едно ама: ако македонската култура ни сега нема да умее да го искористи овој миг и оваа министерка, тогаш навистина ресорот треба да се укине!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот