Гроф Дракула и Апасиев „левичарот“

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Најконкретниот „левичар“ со име Димитар, а презиме Апасиев, е еден од најколоритните лажни „левичари“ во нашата земја. Откако најави трка за гласови на претстојните парламентарни избори, па уште и со така претенциозно име „Левица“, имам впечаток дека во него влегол духот на гроф Дракула, битие кое има некоја посебна агенда, а зборовите на таа агенда излегуваат од устата на Апасиев Д., дури имам впечаток дека овој со тоа не може ништо да направи.

Едно време беше анархолиберален активист, па интелектуалец (што тоа и да значи), па професор и правник, а денес, ете, ни се претставува како политичар што нè кани да го гласаме, оти, нели, и тој ќе се трка на претстојните парламентарни избори, ќе бара гласови, па уште ни вели, „еј, гледајте, ќе освојам дури пет пратеници“.

Не знам за вас, ама додека го гледав Димитар Апасиев, што и на кој начин зборува за нашата политика, мене, искрен да бидам (а може ли поинаку?), ме стегнува веднаш над каишот, под услов ако успеaм да ја запрам мачнината. Примерите на фамозната „Левица“ се безбројни, па лесно може да се види како изгледа тоа. Овој, имено, најконкретниот „левичар“ со име Димитар, а презиме Апасиев, е еден од најколоритните лажни „левичари“ во нашата земја. Што е, море, Јовановиќ, твојот проблем сега со Апасиев, ќе речат дежурните дрнкаџии. Имено, откако Апасиев најави трка за гласови на претстојните парламентарни избори, па уште и кога најави дека ќе се трка со така претенциозно име „Левица“, ви велам, со овој човек почна нешто чудно да се случува. Имам впечаток дека во него влегол духот на гроф Дракула, битие кое има некоја посебна агенда, а зборовите на таа агенда излегуваат од устата на Апасиев Д., дури имам впечаток дека овој со тоа не може ништо да направи.

Добро, свесен сум дека оваа „дуалистичка“ метафора не може многу да помогне, ама, пак, од друга страна се докажува и тоа дека вие, Димитар Апасиев, не сте го гледале на интервјуто на „Алфа“ од пред некој ден. Многу голем бес владее во Апасиев – со сигурност мора да му влегол духот на гроф Дракула – друго логично објаснување немам. Добро, шега на страна, очигледно дека се работи за „его-одлепикус“, се нагледавме такви појави последно време, о-хо-хооо.

Се „утрипал“ себеси дека ќе ја продолжи светската пролетерска револуција, дури ќе се обидел, како што ни вели, „преку своите пет пратеници“ и нивните вечни националисти на Мицкоски, да го рушат Заев, да го рушат Западот и, рушејќи сè ова што го набројав, попатно ќе го рушат и капитализмот. Слушајќи го како зборува, Апасиев и екипата го мразат Заев само поради тоа што тие не се на негово место, сплеткарат низ медиумите за конкретни луѓе, измислуваат афери и фракции, а од нивната политичка содржина се гледа дека се работи за хард-кор сталинисти. Ни помалку ни повеќе. Вреска докторот Апасиев во „бастеркитоновски“ стил, фрла со дрвја и камења против владата на Заев, а се здружил со најлошиот националист, и тука ништо не му е „мрско“! Со вакви типчиња, сите антиглобалисти и антикапиталисти, ве уверувам – глобализацијата и капитализмот ќе доживеат долговечност. Оти да бидеме докрај отворени: кога луѓето ќе треба да се определат измеѓу Маргарет Тачер и Сталин, сигурен сум дека ќе ја одберат Тачер. Тачерка може да те избрка од работа и да те прогласи за технолошки вишок, а Сталин со сигурност ќе те убие откако ќе те раздрнда психофизички триесетина години во Сибир… и така едно дваесетина милиони пати.

И сега, зошто ние да го казниме Заев, а да го доведеме Апасиев и неговите „пет пратеници“? Немам поим, за тоа ќе мора да го прашате Апасиев, или најдобро би било да ги прашате оние двајца кои живеат во него, и еден за друг зборуваат со таква топлина и внимание, што на нежен човек пеперутки во стомакот ќе му заиграат.

Видете, сè ова може да ви звучи како виц, шега и „комендија“ (ама сепак не е); поточно оваа ексцентричност не е тука само заради илустративната автодеструкција која несомнено е во тек, оти, на крајот на краиштата, што мене и на читателите им е гајле, секој човек го има своето демократско право да прави будала од себе – едноставно сакам да го објаснам како симптом на едно сериозна „локална патологија на левицата“, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Во таа емисија, Апасиев се расфрла со бисери пред нас, дијалектичките свињи, се обидува да пофати што е приказната со Договорот од Преспа, се обидува да проникне во идентитетот, знае тој мајчин што е проблемот со денешниот „режим“, само нема никаков проблем што ќе треба да биде ортак со хард-кор националисти, нема никаков проблем да биде во коалиција со најголемиот срам и несреќа што ѝ се случи на оваа земја во режимот на Груевски. Таквите „естетики“ и „финеси“ за „докторот“ Апасиев се неважни, важно му е да биде во Собрание, тој лично да биде во Собрание, тој да зборува во Собрание, а тоа што ќе биде со земјата, државата и граѓаните, тоа за него не е важно. Море, не му е важно ниту светската пролетерска револуција, што има тој да се занимава со такви тривијалности кога тој ќе ни се случува во Собранието!? Откако Апасиев ќе влезе во Собранието, капитализмот и светската револуција може да здивнат.

Добро, чесно се „зезавме“, а сега зафрканциите запираат. За Апасиев да се противи, мора денес да биде дел од една друга војска, онаа која е „рехабилитирана“: само што таа војска е националистичка, а не партизанска. Партизаните се бореа за република, ама не се бореа за националистичка република: експлицитно не за етнички чиста република. Ќе прашате зошто? Заради елементарната и суштинска причина: беа антифашисти. И беа левичари. Не можеш да бидеш левичар, а да не биде имплицитно и експлицитно антифашист. Не можеш да бидеш левичар, а да не бидеш непоколеблив антифашист. Не можеш да бидеш ниту либерал, а да не бидеш суштински и непоколеблив антифашист. Всушност, таа е врската што ги поврзува едните со другите. Таа врска, всушност, е главната каузалност што ја направи содржината во Втората светска војна, на таа подлога се создаде она што денес го нарекуваме цивилизирано демократско општество.

Треба ли да ви сликам наравоучение? Добро, не ми претставува мачнина. Која ви е првата асоцијација кога ќе слушнете за усташи, четници, антички, патриоти, балисти, семакедонци и слични? Па, зарем ќе ми речете дека помислувате на „неолиберален капитализам“? Се разбира дека не: помислувате на крв и земја, помислувате на колење, бесење и протерување. Е, против вакви стана целиот свет, против вакви се побунија стотици илјади граѓани на оваа земја, против вакви бомбардираше Зоран Заев, ако сакате да бидеме фер до крај.

Националистичка или патриотска левица ниту може, ниту е возможно да може. Не може да бидете левичар глобално, а патриот локално. Не може да зборувате – а притоа да бидете веродостојни, односно да бидете што било освен fucking бот – дека сте поддржувач на глобалното еманципaторско движење, а дома да бидеш на страна на оние кои заговараа чиста Македонија, оние кои заговараа „гасни комори за Албанците“. Мислам, можете вие да војувате, козарачко оро со националисти да играте – кој ќе ви забрани – видела оваа земја премногу будали, ама не можеш „батице“ во име на црвената петокрака такви срања и коалиции со националисти да правиш.

На крајот на краиштата, не знам дали беше со шарените, не знам дали некогаш вистински протестираше против Груевски, не знам дали вистински се побуни за многу страдања и неправди на живи, конкретни луѓе. Ма, знаете што, многу сум глупав и недијалектичен. Ама сега знам и зошто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот