Гробишта на демократијата

Демократијата би требало да биде еднаквост пред законите, пасивно и активно право на секого при сите изборни функции, бесплатна правна помош и бесплатен пристап до правните механизми, загарантирана слобода на работа и социјална сигурност, медиумска слобода, почитување на човечкото достоинство и основните човекови права… Кратко кажано, вистинската демократија е идентична со социјализмот. Тие се синоними!

Демократијата би требало да биде отстранување на секоја духовна и материјална подреденост и власт во просторот и времето засекогаш. Таа во вистинската смисла на зборот, би требала да биде владеење на најширока материјална и духовна солидарност меѓу луѓето, „окупација“ од хуманистичкиот морал на човековата свест и општествените односи, стремење кон сеопшт светски мир како состојба што најмногу им одговара на човечките односи, овозможување на слободно негување и практикување на сите благородни и доблесни вештини, занаети, уметности, научни дејности…

Демократијата би требало да претпоставува пристојни и неегоистички односи меѓу поединците, организациите и државите. Остварувањето на вистинската демократија претпоставува високоразвиен степен на морална и интелектуална интелигенција кај сите општествено организирани суштества, висока смисла и страсна љубов на сите кон редот, пристојноста и работата како единствени извори на благосостојбата и сеопштата среќа.

 

Демократија синоним за социјализам

 

Демократијата би требало да биде еднаквост пред законите, пасивно и активно право на секого при сите изборни функции, бесплатна правна помош и бесплатен пристап до правните механизми, загарантирана слобода на работа и социјална сигурност, медиумска слобода, почитување на човечкото достоинство и основните човекови права… Кратко кажано, вистинската демократија е идентична со социјализмот. Тие се синоними!

Но, денешниве општества како резултат на големиот неолиберален триумф од крајот на минатото столетие се нарушени, па политиката е измамничка, економијата експлоататорска, постојните институции неправедни, паметта неразумна, добрината непотребна, а човекољубието е претворено во карикатура и гњаважа. Оваа суштинска нарушеност, доведува низа на општествено-политички аномалии, масовно оглупавување, масовен морален инвалидитет, масовни религиозни суеверија, фашизоидни големодржавни мегаломании, војни со масовни масакри низ цел свет, масовни финансиски криминали и секојдневни масовни пропагандни измами. Кратко кажано, пред наши очи, всушност, се простираат непрегледни гробишта од „демократски“ институции, од хуманистички вредности и од човечка памет.

Живееме во сеопшта морално-политичка беда, во девастирано економско и социјално општество, во време кога нашиот просечен граѓанин наполно се загуби во пасивно мртвило и во жалосно неснаоѓање низ лавиринтите на сеприсутната неолиберална и неофашистичка пропаганда спроведувана од денешните „газди“ на светот. Згора на ова, македонските граѓани, беа и се изложени на вистинската историографска тортура која им ја вршат епигоните на бугарските врховисти и албанските балисти.

Таа тортура се врши преку „новопрочитаната“ историја по антимакедонски терк, па многумина македонски граѓани ги загубија  аксиолошките историски ориентири, па идоли им станаа „благородните“ Владо Шоферот и Ванчо Михајлов, Мане Мачков и Крсто Кумановски, Џемо и Мефаил, дузина од оние кои испозаклаа, изнакажаа, испострелаа, изобесија, изгазија и испотепа цел ред идеалисти, комунисти и македонисти што имаа смелост да се спротивстават на умоболните големодржавни и фашистички фикции.

Денеска, со интернетот и социјалните мрежи, на површина излезе „невидливиот“ фашизам. Оној кој, со години наназад, пијано се пелтечеше по кафеанските маси од неофашистичките алкохоличари и кој се блебетеше по десничарските партиски штабови. Се појавија низа весници и интернет-портали преку кои наследниците на чкатровци, ванчомихајловци, хитлеровци…, почнаа да зборуваат и вриштат. Сите оние што повеќе од шеесет години имаа замолкнато, оти немале и не знаеле на никого ништо да му кажат, а духовните „лидери“ на тие политички и културни живи мртовци, биле во длабока илегала некаде низ ватиканските „глувчешки канали“, денес повторно се разврескаа на јавна сцена и се обидуваат да ги продадат своите празнозборни антикомунистички и антихуманистички тиради. Малоумните милитаристички и фашизоидни големодржавни соништа на соседите на Македонија, повторно станаа легитимни политики за неофашистичката европската политика и бирократија.

 

Антиразумски нешта

 

Никогаш никому нема да му биде јасно и никогаш никому не ќе може да му се објасни како беше можно после трауматското искуство на Аушвиц и останатите концентрациони логори, Европа повторно да го „прегрне“ како свое новороденче и повторно да го негува и одгледува неофашизмот во своите пазуви. Никогаш никому нема да му биде јасно и никогаш никому не ќе може да му се објасни како ние во Македонија национализмот го направивме „нормална“ политичка опција, па дозволивме политичката понуда да ни се сведе на етнонационални партии, кои заговараат и  спроведуваат радикална националистичка политика и ја водат земјата кон дезинтеграција и распаѓање.

Секако, необјасниво ќе остане зошто не можевме да ги наречеме овие радикално-националистички партии со нивното вистинско име – (нео)фашистички партии и да им се спротиставиме во нивниот рушителен поход на нашата нација и држава. Веројатно, необјаснесто ќе остане како некои луѓе после повеќе од седумдесет години слободна македонска држава се откажаа од сопствената македонска национална свест, како го прифатија големобугарското националшовинистичко читање на македонската историја и како се претворија во „класични“ национални одроденици.

Никогаш никому нема да му биде јасно и никогаш никому не ќе може да му се објасни како стигнавме, доброволно и скоро немо, да прифатиме да замениме еден хуманистички и праведен со ѕверски, робовладетелски и крајно неправеден општествен систем. Или, кој знае, можеби, ќе се најде некоја умна глава, некој генијалец, што ќе ги објасни и овие антиразумски и „необјасниви“ нешта?

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот