Гркинката со констатиран коронавирус, била на модната недела во Милано

Фото: МИА

Состојбата на жената е стабилна, а пред извесно време била на модната недела во Милано.

По потврдениот прв случај на коронавирусот во Солун кај 38-годишна жена, грчките власти ги идентификуваат луѓето со кои таа стапила во контакт, од моментот кога тргнала од Италија за Грција, па се до приемот во солунската болница, јави дописничката на МИА од Атина.

Состојбата на жената е стабилна, а пред извесно време била на модната недела во Милано.

Според Министерството за здравство на Грција, идентификувани се лицата кои во авионот од Милано до Солун, седеле два редови пред неа, два зад неа, како и лево и десно од нејзиното седиште. Исто така, идентификувани се и лицата, како и семејството со кои била во контакт откако се вратила од Италија.

Сите овие луѓе се известуваат, се информираат и се следи нивната здравствена состојба, така што доколку се појават симптоми, да бидат ставени 14 дена во карантин, а не им се препорачува да патуваат.

Паралелно, од Министерството за здравство на Грција, според грчките медиуми, соопштуваат дека се регистрирани многу сомнителни случаи на луѓе кои патувале во северна Италија и се спроведуваат дополнителни анализи.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас вчера во Солун одржа состанок со префектот, градоначалникот, управителите на здравствените периферии од северна Грција, како и претседателот на грчката медицинска асоцијација.

-Организираната држава преку нејзините органи ги следи трагите на луѓето кои овие два дена, беа во контакт со конкретната жена. Исто така со авиокомпанијата, согласно протоколите, и на патниците кои беа на одредени растојанија околу неа, како и екипажот. Би сакал уште еднаш да побарам да има смиреност и соодветно информирање на граѓаните. Ова ќе го сториме со искреност и транспарентност, гледајќи ги граѓаните в очи. Ќе информираме постојано, правилно, смирено за состојбата во јавното здравје. Во никој случај, нема причина за паника, рече Кикиљас по завршувањето на состанокот во Солун.

Според медиумите во Грција, 38-годишната, кај која е констатиран коронавирусот е жена бизнисмен од Солун активна во областа на модата и била на модната недела во Милано, од каде што се вратила во неделата вечерта, а ден подоцна, имала покачена температура, па затоа во вторникот отишла на лекар за да направи испитувања.

Според истите информации, жената, која е доста активна во Солун, во понеделникот веројатно присуствувала на општинскиот совет, па затоа вчера се дезинфицирала просторијата во која се одржал состанокот.

Од Министерството за здравство на Грција соопштија дека со заедничка одлука на министрите за здравство и образование, утре, од превентивни причини ќе биде затворено едно основно училиште во Солун. Според грчките медиуми оваа одлука е поврзана со првиот случај на коронавирусот во Грција и 38-годишната жена.

Вчера напладне, портпаролот на Министерството за здравство на Грција и научен соработник во грчката Национална организација за јавно здравје, професорот Сотирис Циодрас, соопшти дека е потврден е првиот случај на вирусот во Грција кај Гркинка која патувала во северна Италија, истакнувајќи дека е „во добра здравствена состојба и ја следи тим од одлични колеги во Солун”.

Веднаш потоа, министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас на неговиот официјален „Твитер” профил рече дека нема потреба од паника

-Првиот случај на новиот коронавирус во нашата земја е потврден. Тоа беше нешто што го очекувавме. Целосно сме подготвени. Не постои причина за паника, напиша Кикиљас.

А со негова одлука се одложуваат и се отповикуваат редовните отсуства, слободни денови или одмори на вработените во болниците, здравствените установи, како и во самото министерство.

Паралелно, Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција започна со кампања за заштита и превенција на коронавирусот под наслов „Не се плашиме, се заштитуваме”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот