Грижата за старите лица во Македонија мора да се подобри

д-р Салија Љатиф Петрушовска/ Фото: Фејсбук

Палијативната нега е човеково право и морален императив на сите здравствени системи, се вели во соопштението од канцеларијата на СЗО во земјава.

Секое четврто лице во Северна Македонија ќе има над 65 години во 2050 година во споредба со околу 14 проценти во моментов, а само една третина од постарите луѓе во Северна Македонија го сметаат сопственото здравје за добро или многу добро што е значително пониско од просекот на Европската Унија, покажуваат податоците од Светската здравствена организација.

Ова беше истакнато на настанот по повод годинашниот Светски ден на хосписот и палијативната нега во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, на тема „Никој не смее да биде изоставен – правичност во пристапот до палијативна нега“.

Во воведните зборови, како што информираше д-р Салија Љатиф Петрушовска, директорка на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, важно е да се обезбедат еднакви можности за здраво стареење, особено во време на пандемијата.

– Сите луѓе, без оглед на приходите, видот на болеста или возраста, треба да имаат пристап до здравствени услуги, вклучително и палијативна нега, бидејќи на тој начин се подобрува квалитетот на животот на пациентите и нивните семејства кои се соочуваат со предизвиците поврзани со животозагрозувачки болести – рече д-р Петрушовска.

Како што населението старее и има поголема инциденца на незаразни болести, станува сѐ поважно да се подобри палијативната нега.

Според претставничка на СЗО во Северна Македонија, д-р Џихан Тавила, на постарите луѓе им е потребна долгорочна, комплексна грижа од повеќе даватели на услуги во различни услови.

д-р Џихан Тавила, претставник на СЗО/ Фото: Фејсбук

– Со подобро искористување на постојните синергии и меѓусебната поврзаност помеѓу здравствениот и социјалниот сектор, различните нивоа на здравствена заштита, давателите на услуги и заедницата може да придонесат за постигнување на подобра здравствена заштита – рече Тавила.

За оптимална палијативна нега во земјата е потребна комбинација од политики за поддршка; овластени заедници; истражувања во областа на палијативната нега, пристап до основните лекови за палијативна нега; силни системи за образование и обука за вработените и стручните лица за палијативна нега; како и внимание на квалитетот на услугите за палијативна нега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот