„Грета Ван Флит“ – Реинкарнација на „Лед Цепелин“ и надеж дека вистинскиот рокенрол и понатаму ќе живее

Постои еден бенд во Детроит, тие се „Лед Цепелин Еден“ – изјави Роберт Плант, фронтменот на славните „Лед Цепелин“ за австралиските медиуми уште во март 2018 година, мислејќи на групата „Грета Ван Флит“.

„Грета Ван Флит“ – млад бенд од Детроит основан во 2012 година, кој неодоливо потсетува на „Лед Цепелин“, ја враќа надежта на старите рокери, музичари, но и на обичните обожаватели на стариот добар рокенрол звук.

Станува збор за музичари кои досега имаат објавено три албуми, а веќе собраа многу награди и важат за најдобриот млад рокенрол бенд во светот.

– Поентата е нешто што било актуелно во минатото, да го заживееме сега и повторно да му ја вратиме душата – изјави во една прилика гитаристот на овој млад и перспективен бенд.

Уште од првото слушање на нивна песна бев воодушевен, фасициниран, а малку е ако кажам дека дури петпати морав да проверам дали пее Роберт Плант, или сепак навистина тоа е Џон Кишка, фронтменот на неверојатните „Грета Ван Флит“.

Конечно, после неколку слушања сфатив дека станува збор за сосема друг бенд, за кој дури и самиот Роберт Плант, но и  другите членови на „Лед Цепелин“ останале без зборови и не можеле да веруваат што слушаат.

Морам да кажам дека како човек кој е обожавател на стариот добар рокенрол звук од осумдесеттите години на минатиот век, овој бенд ми ја враќа надежта во музиката, но очигледно не само на мене.

Како што споменав на почетокот, дури и самиот Роберт Плант, но и други музички величини, од типот на Елтон Џон, кој рече дека музиката на „Грета Ван Флит“ го „разнесува“, како и гитаристот Џо Сатријани, кој имаше само пофални зборови за нив, се воодушевени и пред сè возбудени од новата ера, новата рокенрол ера која допрва треба да започне, новата револуција која одново се раѓа, овојпат со овие музичари од Детроит.

Можеби некој ќе рече дека ги копираат „Лед Цепелин“, а иако и самиот ги карактеризирам како нивна реинкарнација, сепак не би можел да се сложам со тоа. И покрај тоа што премногу потсетуваат на легендарните „Цепелин“, нивната цел е очигледна и поинаква – да го вратат стариот добар рокенрол звук, кој, искрено не знам зошто, меѓутоа полека, но сигурно, умира на светската музичка сцена.

Со овој бенд се враќаме во златниот период на музиката од осумдесеттите години на минатиот век, кога бендови како „Лед Цепелин“, „Дип Парпл“, „Блек Сабат“ и уште многу други владееја со музичката сцена и ја палеа публиката. Сега, овој жар го гледаме во лицата на овие момци, кои се обидуваат да ја вратат страста за оваа феноменална музика да влезе повторно во игра.

Преку нивните песни, но и нивните настапи во живо и турнеи, гледаме на што се подготвени, гледаме каква самодоверба и каква желба произнесуваат, но и со каков неверојатен талент располагаат.

Токму нивните сценски настапи и нивниот начин на облекување е она што можеби и визуелно нè потсетува на музиката и на културата од минатиот век, а целото тоа и балканската публика ќе има прилика да го види и доживее на фестивалот „Егзит“ во Србија ова лето, кога тие ќе имаат свој настап и ќе можат да ни покажат што знаат.

Не ни останува ништо друго освен да се надеваме дека ова е само еден почеток на враќањето на рокенрол музиката на една голема врата, како и тоа дека „Грета Ван Флит“ се само еден од поновата генерација на многуте рокенрол бендови, кои во иднина ќе добијат инспирација и пред сè храброст од овие бестрашни момци да ни покажат дека рокенролот и понатаму ќе живее.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот