Грета Тунберг: Новиот климатски закон на ЕУ нема да ја реши кризата

Фото: МИА

Климатската активистка, Грета Тунберг, која учествуваше на седницата на Европската комисија на која се усвои првиот европски климатски закон, изјави дека овој закон не е доволен, јави дописничката на МИА од Брисел.

Тунберг, по средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се упати кон Европскиот Парламент каде дебатираше со европратениците од комисијата за животна средина. Заедно со други активисти таа објави и колумна на сајтот „Carbon brief“.

Во ова отворено писмо, активистите го нарекуваат законот „откажување“ затоа што не ги зема предвид научните сознанија и факти кои се на располагање и не е доволно амбициозен.

– Овој закон испраќа сигнал дека вистински и доволни мерки се преземаат кога всушност не се преземаат. Ви сугерирам како наши избрани претставници да ја разберете во целост ситуацијата во која се наоѓаме и дека не можеме да ја решиме климатската криза без жртвување – пишува Грета Тунберг.

Таа ги потсети европските политичари дека милиони млади ширум светот го жртвуваат своето школување веќе година и половина.

– Нула нето емисии до 2050 година за ЕУ значи дека се предава. Тоа значи откажување. Не ни требаат само цели за 2030 и 2050. Нам ни требаат за 2020 и секој следен месец и година. Затоа што далечни цели за нула емисии ништо нема да значат ако продолжиме да го игнорираме буџетот на карбон диоксидот. Ако високите емисии продолжат сега дури и за неколку години, тој буџет целосно ќе се потроши – предупреди Тунберг, потсетувајќи дека ниедна од технологиите на кои се надеваат лидерите за намалување на емисиите сѐ уште не постојат.

Таа го критикува фактот што политичарите сметаат дека со намалување на штетните емисии за половина до 2030 значи и само 50 отсто шанси да се задржи затоплувањето на климата под 1,5 степен, праг кој не смее да се надмине според научниците.

-Овој став претпоставува дека идните генерации ќе се снајдат за да исцицаат стотици милијарди тони ЦО2 од атмосферата со технологии кои можеби нема ни да постојат, алармира активистката во колумната.

Таа пред европските пратеници го повтори ставот дека предложениот закон на ЕК е како “да ви гори куќата, а вие одлучувате да го одложите гасењето на пожарот.”

Потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, изјави дека не се согласува со нејзиниот став, но дека го почитува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот