Грета и фантомите

Септември навистина си го заслужува слоганот „Враќање во училиште“, особено поради тоа што и јас, како некое учениче се вратив на книгите, учебниците и енциклопедиите и се потрудив да ги проширам своите знаења по историја на филозофијата, агитација и пропаганда, медицина, географија, правосудство и стрипови и веќе сум еден чекор пред колегите студенти што ќе ја започнат својата сезона дури за некој ден.

Не можев да си дозволам еден седмоодделенец, кој точно знае што е пермокарбонски период и херцинска орогенеза од пред 280 милиони години (читајте географија за седмо), да биде попаметен од мене.

Ама си дозволив да се порадувам што едно малку поголемо девојче, Грета од Шведска, доби покана да зборува пред Генералното собрание на Обединетите нации на мојата омилена тема, судбината на мојот дом, планетава земја. Всушност, Грета е млад граѓански активист, борец против негативните климатски промени кои го загрозуваат (релативно) лагодниот живот што го имаме, во кој сите се шетаме без карбонски маски на лицето, пиеме вода од чешма, слободно се сончаме без страв дека ќе закачиме рак на кожа и не мора да градиме бетонски подруми што би не заштитиле од некое тајфунче со прекрасно име. Девојката од свои шеснаесет години достојно се нафати на задачата и ja пренесе пораката на многу знајни и незнајни битија што оваа мокра карпа во Сончевиот Систем ја доживуваат како свој дом и сакаат да го заштитат, пред сè, од штетите што ги направи забрзаниот развој, односно неконтролираната емисија на штетни материи поради зголеменото производство на енергија, суровини и храна, но транспортот базиран на горење производи од нафта. Со други зборови, ова се последиците од т.н. либерален капитализам, каде што приватната иницијатива се ставаше на чело, а за последиците се размислуваше подоцна. Грета, „фино-лепо“, си кажа дека треба да заборавиме на парите и да почнеме да мислиме на суштински работи. Па, нели ни беа потребни капитализам и пари да ги решиме работите? Или не?

Плукање по Грета

Е затоа и се сипаа од сите страни. Па, наместо да слушнеме анализи и мислења за нејзиниот говор, почнавме да читаме и за тоа дека многу била наапана, и за тоа дека делувала вештачки, но прочитавме и дека шири културен бољшевизам, а воедно е производ на Гебелсовата национал-социјалистичка школа за маркетинг. Врв на етикетирањето беше тезата дека таа има Аспергеров синдром, нешто што не е болест, туку природна состојба на организмот, вид на аутизам кој многу тешко се детектира. Ама светските експерти по само половина час гледање на собранискиот канал на ОН, веднаш заклучија дека малата има некаков синдром и не е многу за верување. Каков спин или во превод: не ни го чепкајте овој прекрасен капитализам кој загадува по мера на капиталистите, инаку ви следи одмаздата на „гневните старци“ кои не сакаат промени.

Моите драги блиски соседи на планетава, Македонците, како верни љубители на спинови, веднаш се придружија во етикетирањето на Грета. Па, како што низ чаршија знаат на секого кој е малку поинаков да му залепат етикета дека е „хомосексуалец“ или „прекрасен уметник и творец, но за жал наркоман“, така и ревносно се зафатија со плукање по Грета и нејзината суштина. А суштината е во тоа што девојката пораснала во земја на која природата ѝ е во устав, во земја во која прво учат да рециклираат, а потоа да читаат. И таа девојка не може да разбере како некој може да си дозволи да загадува за профит и сака целата планета да биде Шведска или Словенија.

Фантоми што истураат ѓубре

Среќен сум што Грета, сепак, дигна галама, чии одеци се слушаат дури и во македонско Свирипичино. Затоа што не само што треба да се дига галама, треба да се вреска. Така ми дојде и мене, кога на ТВ официјално лице на државниот инспекторат за животна средина изјави дека инспекторите точно знаеле кој истура ѓубре по реките и кејовите, ама не им можеле ништо поради тоа што тоа биле фантоми.

Фантоми во нивната номенклатура да ти биле лица без лична карта и престој во Македонија, па затоа инспекторите немале на кого да му пишат пријава. Каква навреда за мојот омилен стрип јунак од детството, борец за правата на луѓето и природата. Ми дојде врескам, да ме чујат од Центар до Телма, дека тие луѓе без документи и престој не се фантоми, туку бегалци, и за нив треба да се погрижат органите од „внатрешни“ наместо да ги остават да развезуваат ѓубре низ земјава. Воедно, жал ми е што не задржавме по некој вистински бегалец од Сирија, на пример, пар експерти за животна средина, дузина лекари, автобус медицински сестри и колона електричари, водоводџии и столари, затоа што „нашите“ си „киднаа“, а немаме замена. Па, наместо фантоми што загадуваат, ќе си имавме вредни и способни работници со, исто така, античко потекло.

Освен тоа што не вреснав, навистина ми е криво што „фантомската шема“ не им ја објаснив на Ирена и на припадниците на елитниот параѓубреџиски одред пред да си „попијат“ пријава поради испуштање чад со мирис на јагоди пред владата. Моите драги специјалци, со помош на направа за специјални ефекти (читај: дим машина) се обидоа симболички да го запалат ѓубрето што го насобрале во околината пред онаа „ружна“ зграда во која живеат министри. Не викнале и не вознемириле никого, освен можеби жителите на „ружнотијата“, ама си добиле пријава за загрозување јавен ред и мир.

А требаше само да ги фрлат личните карти, да се направат фантоми и никој ништо да не им може.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот