Грејната сезона ќе ги затвори училиштата?

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Со почетокот на грејната сезона, родителите на учениците ќе имаат дополнителна грижа: дали децата ќе им бидат во поголема опасност поради зголемената циркулација на воздухот во училниците што произлегува од нивното затоплување. Прво, затоа што нема да можат да проветруваат, а второ затоа што немаат системи за вентилација. Настава сепак ќе се држи со физичко присуство иако експертите признаваат дека ризиците за трансмисија на вирусот во затворена просторија се огромни.

Аеросолите односно ситните честички што лебдат во воздухот се главниот виновник за пренесување на коронавирусот, но на отворено речиси и нема опасност од инфекција, бидејќи циркулацијата на отворен воздух е многу поголема отколку во затворена просторија.

Во Протоколот за постапување на основните училишта е наведено дека доколку  дозволуваат  временските  услови, за време на наставата во училницата се остава отворен прозорец. Во училницата треба да се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација, доколку ги има. Просториите задолжително треба да се проветруваат по секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците.

– Како што налагаат планот и протоколите за училиштата, за време на наставата во училница се избегнува употреба на клима. Кога ќе залади, поради временските услови, училниците ќе се отвораат за време на паузи. Во нашето училиште нема системи за вентилација. Сега е отворено цело време, се разбира дека прозорците ќе се затворат кога ќе биде ладно. Кога ќе го пуштат парното ќе биде топло и прозорецот може да се отвора на кипање за воздухот да циркулира – вели за „Слободен печат“ директорот на основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“, Андреја Стојанов.

Горан Нетков, машински инженер, експерт за греење и вентилација, вели дека со секое отворање на прозорците, се  губи  голем дел од  топлотната  енергија, што значи дека ќе се зголемат трошоците за греење.

– Друг аспект е што циркулацијата  на воздухот од какво било грејно тело или вентилација доведува и до зголемена циркулација на аеросолите во воздухот во училниците. Во ваков случај, запазувањето растојание не игра никаква улога. Оттаму, сметам дека е пожелна онлајн настава – вели Нетков.

Епидемиологот Драган Даниловски препорачува вентилација, техничка поддршка за проветрување преку прозорци, задолжително носење маска, тестирање, миење раце и фиксни студиски групи.

– Ако има уреди за вентилација во училницата, проветрувањето мора редовно да продолжи да се спроведува. Овие уреди можат само да го надополнат проветрувањето од прозорците, а не да го заменат. Тие, исто така, не спречуваат носење маска. Секоја индивидуална мерка, сама по себе не е доволна за заштита од инфекција, но сите заедно гарантираат дека училиштата се безбедни – вели Даниловски.

Родители и наставници, пак, не се согласуваат со епидемиолозите и политичарите.

– Не знам кому му текна 40 минути час со физичко присуство 30 ученици во паралелка, 7- 8 часа во денот! И да не излегуваат воопшто од училница!? Па вртоглавица ќе добијат! Да не правам муабет за зимава кога прозорците ќе се затворени, иако сметам дека според најавите ќе се примени друго сценарио од МОН. Како тоа сите знаат повеќе од наставниците за учениците? Кој е повеќе со нив од нас? Или има такви кои се неприкосновени и знаат сè? Па и ние нешто знаеме, децении сме во таа професија, тоа е наша специјалност – коментира на социјалните мрежи наставничка во основно училиште по име  Билјана.

Според германско истражување објавено во јануари, дозата на примени честички на аеросоли е клучна за степенот на ризик. Тоа зависи од количината на испуштени честички, од интензитетот на издишување и вдишување, и од должината на престојот во просторијата. Во училниците која има половина одделение (15 ученици) и постои обврска да се носат маски, а се престојува шест часа, индикаторот на трансмисија R изнесува 2,9. Без задолжителна маска, ризикот би бил двојно поголем, се вели во истражувањето.

Соседите во приправност за онлајн настава во секој момент

Во соседството, ситуацијата со ширење ковид во училиштата е еднакво драматична. Во Србија онлајн настава се спроведува во средните училишта во 40 општини. Кај основците се настојува наставата да се изведува претежно со физичко присуство. Најраспространет модел е комбинираната настава, а доколку вирусот влезе во одделенијата, пропишани се детални мерки кои ќе се применат. На пример, ако одделението има до 16 ученици, по појавата на заболени ученици се оди  на онлајн во траење од 10 дена. Кај одделенијата со повеќе од 17 ученици, по појавата на 2 случаи, одделението се дели на две групи и се продолжува со работа по  комбиниран модел.

Косово исто така има многу заболени во основните и средните училишта и преоѓаат кон целосно спроведување на онлајн настава. Албанија и Грција исто така преферираат настава со физичко присуство, но во зависност од  состојбата, подготвени се да преминат на комбинирана настава или целосно онлајн. Бугарија реши учениците  да бидат физички присутни на училиште. Болните ученици и наставници функционираат онлајн. Во оваа земја сметаат дека употребата на средства за дезинфекција носи ризик од алергии и други несакани последици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот