Грција во услови на карантин: Контролата на летање денеска со шестчасовен прекин на работата, утре генерален штрајк во земјата

Фото: EPA/SOTIRIS BARBAROUSIS

Синдикатот на вработените во јавниот сектор во Грција за утре закажа генерален штрајк, барајќи суштински мерки во справувањето на пандемијата, додека пак денеска, има проблеми во летовите од и кон Грција поради неколкучасовниот прекин на работата на контролорите на летање, јави дописничката на МИА од Атина.

Во утрешниот генерален штрајк ќе учествуваат и Федерациите на вработените во државните болници и на просветните работници во средните училишта.

Атина утре ќе биде без метро и трамвај, проблеми ќе има во цела Грција и во бродскиот сообраќај поради учеството во штрајкот на пет од 13 здруженија од грчката поморска федерација, а проблеми ќе има и со летовите, со оглед на тоа дека Здружението на контролори на летање најави штрајк од вечерва на полноќ.

Контролорите на летање и денеска имаат шестчасовен прекин на работата, што резултира со откажани летови.

Генералниот штрајк е во време додека Грција е во карантин, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор, меѓу другото бараат, суштински мерки за заштита на здравјето на вработените на нивните работни места; вклучување на приватниот здравствен сектор во битката со пандемијата; вработување на неодредено време на медицински персонал; дополнителни вработувања во јавниот превоз, за да се зголеми возниот ред и да се намалат гужвите, зголемување на платите, како и враќање на 13 и 14-та плата за вработените во државниот сектор.

Засега, официјално не е соопштено дали во рамките на генералниот штрајк, ќе се одржат и протести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот