Грција ве чека вакцинирани или тазе тестирани!

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Се поголем број граѓани бараат вакцинален сертификат, зашто тој е неопходен за патување во земјите во Европската Унија, а наближуваат летните одмори. Границите со Грција, според најавите, треба да се отворат на 14 мај, а како предуслов за влез кај нашиот јужен сосед, неопходно ќе биде или граѓанинот да има вакцинален сертификат со две примени дози од било која вакцина која се администрира во Македонија, вклучително и кинеската „Синофарм“ и руската „Спутник“, или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Уште се чекаат насоки од грчките власти дали влез во земјата ќе се овозможи и со негативен брз антигенски тест.

Сертификатот дека сте примиле вакцина против ковид 19 на кој има код, може да го добиете од матичен лекар, со потврдата дека сте вакцинирани, и тој е бесплатен, посочуваат од Министерството за здравство.

„Министерството за здравство ќе издава потврда со кју-ер (QR) код, на македонски и англиски јазик. Сертификат ќе добијат сите граѓани кои примиле вакцина со ревакцина и имаат потреба од сертификат. Насокоите за изработка на овој сертификат се од Европската мрежа за здравје каде предвидоа пакет податоци кои ги содржи кодот, односно сертификатот, а тоа се име и презиме, датум на вакцина и ревакцина, тип на вакцина. На сертификатот има и дигитален печат од Министерството за здравство. Сертификатот може да се добие и како потврда и во електронска форма, по барање на граѓанинот и тој е прилагоден со препораките на ЕУ за непречено патување на нашите граѓани”, велат од Министерството.

Некои граѓани реагираа дека матичните лекари им барале на пациентите по 250 денари за да им издадат сертификат за вакцинација.

– Појдов да ги земам сертификатите за вакцинација за мене и за сопругот. Во ординацијата ми побараа 250 денари за еден. Ми објаснија дека станува збор за медицинска белешка на која има печат и потпис и затоа се плаќа. Тоа не беше најавено и е спротивно на кампањата за вакцинација, а 500 денари не се малку, па се вратив дома – вели скопјанка.

Од Министерството, пак, нагласуваат дека сертификатите се бесплатни за сите граѓани.

– Доколку се соочат со таков проблем, случајот задолжително да го пријават во Државниот санитарен и здравствен инспекторат – одговараат од ресорното министерство за Факултети.мк.

Некои матични лекари, пак, негодуваат што ним им е доделена обврската покрај тоа да закажуваат термини, уште и да печатат вакцинални сертификати.

– Кој е тој генијалец што измисли матичните лекари да печатат сертификати за вакцинација? Не сте способни ни да ископирате успешен систем. Во Србија го добиваш на лице место. Јас мој питпис нема шанса да ставам на нешто што не сум го видела, ниту осведочила – коментира матична лекарка од приватна ординација во Скопје, која сакаше да остане анонимна.

Туристичките агенции веќе ги објавија своите понуди за одмор во Грција за претстојното лето, а Грција ги отвори граници за оние со пасош од ЕУ, но и за граѓаните на Србија, Британија и Обединети Арапски Емирати. На една недела пред официјалниот старт на туристичката сезона, плажите во Грција работат со строги правила и протоколи, што придонесе да не се пополнуваат лесно. Туристите прво мора да испратат СМС-порака со код ако сакаат да резервираат лежалка покрај море а рас,тојанието меѓу чадор и две лежалки мора да биде четири метри. Задолжителна е употреба на антисептик, а за персоналот во баровите задолжителни се маскате и тестовите со кои самите ќе се тестираат во домашни услови. Мебелот на плажите се дезинфицира после секој корисник.

Покрај доказ за вакцинација или негативен ПЦР тест, секој што патува во Грција мора да има и пополнет формулар PLF (Passenger Locator Form), најмалку 24 часа пред почетокот на патувањето. По пополнувањето, документот веднаш пристигнува на вашата мејл адреса, во форма на QR код кој секој патник има  обврска да го покаже при царинската контрола, или на неговиот мобилен телефон или отпечатен на хартија. Формуларот може да се пополните преку страницата travel.gov.gr. Ако патувате со авион, треба да го наведете името на авиокомпанијата и бројот на летот, како и точката на влез во земјата.

Се признава ПЦР тест само од проверени лаборатории

Ако граѓаните сакаат да патуваат со ПЦР тест, ќе мора да го направат во една од дваесетте референтни лаборатории, за кои посебна комисија од Министерството за здравство утврдила дека работат според соодветни стандарди. Овие лаборатории се: Институтот за јавно здравје – вирусологија, Центар за јавно здравје Скопје, Центар за јавно здравје Битола, Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Одделение за патологија и судска медицина, Институт за респираторни заболувања кај деца Козле, ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија,  Градска општа болница 8ми Септември, Институт за микробиологија, Македонска академија на науките и уметностите, ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Клиники Жан Митрев, Лабораторија  Авицена, Лабораторија Биотек, Лабораторија Систина, Биохемиски лаборатории – Лаор, Лабораторија Синлаб, Лабораторија Ремедика, Специјална болница Плодност – Битола и Генеа лабораторија, Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот