Грција: Вакцинирани над еден отсто од населението

Мицотакис се вакцинираше како и грчката претседателка/ Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

Од почетокот на вакцинацијата во Грција, односно од 27 декември 2020 година, заклучно со попладнево, вакцинирани се 123.007 лица, со што имунизациската покриеност во земјата достигна до 1,13 отсто, соопшти денеска генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, јави дописничката на МИА од Атина.

Од вакцинираните, 32.801 се лица над 85 годишна возраст, 81.000 се здравствени работници, а останатите се штитеници во домовите за стари и изнемоштени лица.

Вчера, како што рече Темистоклеус, биле вакцинирани 15.290 лица, што е рекорден број на дневно ниво.

Од утре, пак, започнува закажувањето термин за вакцинација за втората возрасна група, односно за граѓаните од 80 до 84 годишна возраст.

Паралелно, процесот на вакцинација ќе започне и на островите, а војската ќе биде задолжена за снабдување на островите со вакцината.

Бригадниот генерал Аристос Перис на денешната прес-конференција, објасни дека планот за вакцинација на островите ќе биде во четири фази.

Во првата фаза се 18 острови со здравствени центри, во втората фаза се 12 острови со над 3.500 жители, во третата фаза од 10 февруари ќе започне вакцинација на 19 острови што имаат од 1.000 до 3.000 жители, а последната се однесува на острови со помалку од 1.000 жители.

Во четвртата фаза, со оглед на тоа што станува збор за мали острови, нема да има поделба на возрасни групи, туку ќе бидат вакцинирани сите заинтересирани жители над 18 годишна возраст и се очекува процесот да заврши до крајот на февруари.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 509 нови случаи од 29.455 тестови и 25 починати.

Од почетокот на епидемијата во земјата има 150.479 заразени и 5.570 смртни случаи.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас истакна дека до вчера просечниот број нови случаи на седмично ниво е 480, а просечната возраст на потврдените случаи 46 години, додека, пак, исполнети се 50 отсто од одделите за интензивна нега во цела земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот