Грција и пандемијата: Полицијата не сака цвеќе

epa08866030 A protester holding roses stands in front of a police formation as he tries to get to the spot where teenager Alexandros Grigoropoulos was killed, during the 12th anniversary of his death, in Athens, Greece, 06 December 2020. Grigoropoulos, a 15-year-old student, was killed on 06 December 2008 in an apparent police shooting in the center of Athens, an event that sparked rioting in the Greek capital. Protests were expected despite the ongoing ban on gatherings. EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Десно-конзервативната грчка влада не е многу успешна во борбата против пандемијата на коронавирусот – и затоа спроведува политика на „закон и поредок“.

Понекогаш е доволна една слика за да се загуби последната доверба во полицијата. Полицаец во раката држи букет цвеќе што една жена сака да го положи на спомен-обележје. Се чини како да размислува што да прави со букетот. Потоа тој ги крши цвеќињата и со презир ги фрла на улица. Сцената, која трае неколку секунди, може да се види на видеоснимка направена со мобилен телефон.

Атина на почетокот од декември. Не станува збор за кое било спомен-обележје или за кој било ден. Станува збор за спомен-обележјето за 15-годишниот Алексис Григоропулос во центарот на Атина и за 6 декември. На тој ден во 2008 година, момчето дојде од забава и влезе во вербална расправија со двајца полицајци. Еден од полицајците пукаше во невиниот Григоропулос. Едноставно, така.

Тогаш, убиството не само што доведе до голем бунт кај младите – туку 6 декември е сè уште ден на спомен против полициското самоволие. Ден кога многу Грци положуваат цвеќе на местото на злосторството.

И овојпат, токму на годишнината, доаѓа овој гест на полицаецот кој ѝ го одзема букетот цвеќе на таа жена и го уништува. Овој гест не е едноставно непочитување, туку може да се гледа како сквернавење на сеќавањето на починатото момче. Нешто непростливо во земјата на Софокле, во земјата каде што секој студент учи да ја чита и да ја цени неговата трагедија „Антигона“. Онаа Антигона која е подготвена да умре во одбрана на респектот, стравопочитта и достоинството на мртвите.

Забранет спомен ден

Видеото од полицаецот кој го истура својот гнев врз букет цвеќе беше виден стотици илјади пати во Грција и го принуди министерот за цивилна заштита, Михалис Хрисохоидис, за неколку часа да свика анкетна комисија во врска со инцидентот. Инаку, министерот, како што рече, смета дека сѐ што сторила полицијата, поради корона-ограничувањата, на овој „забранет“ меморијален ден било во ред: „Од 5.000 службеници, 4.999 ја завршија својата работа добро“, рече тој, игнорирајќи ги сите обвинувања за полициското самоволие.

Демонстрациите се забранети во Грција од почетокот на вториот „локдаун“ – поради здравствени причини, како што се вели. Имаше и дополнителни ограничувања за денот на сеќавање на Алексис Григоропулос: Началникот на грчката полиција Михаил Карамалакис одлучи генерално да забрани средби на повеќе од три лица. Ова не беше дискутирано во парламентот затоа што владата работи во вонредна состојба поради пандемијата. И, тоа го прави со задоволство.

На удар мигранти, хомосексуалци, левичари…

Демонстрацијата на сила од страна на полицијата немаше многу врска со јавното здравје. Повеќе се чини дека целта беше да се уапси секој што сака да му оддаде почит на убиениот Алексис Григоропулос и да положи цвеќе. Дури и оние што дојдоа сами, или во двојка, во тројка – што би било дозволено.

Тоа ѝ се случи на Марија Ошана, извршната директорка на Фондацијата „Роза Луксембург“ во Атина, која заедно со еден пријател сакаше да положи цвеќе на спомен-местото. Таа беше спречена во тоа и со патролно возило беше однесена во полициска станица. Иако неколкупати прашала дали направила нешто незаконско, не добила објаснување. Бидејќи не сторила ништо незаконско, таа беше брзо ослободена. Во меѓувреме, нејзините цвеќиња се исушија во патролното возило.

Многумина ја обвинуваат полицијата – или поточно: делови од полицијата – дека вистински уживале во примената на насилство. Дека со задоволство и најчесто неказнето тепаат млади луѓе, мигранти, хомосексуалци или левичари. Но, истовремено, дека со „свилени ракавици“ постапуваат со десничарските екстремисти и неонацистите.

Уапсени адвокати

Ваквите тврдења не се измислени и недокажани. Актуелен пример: Додека сè уште безуспешно трага по вториот човек на забранетата десничарска екстремистичка партија Златна зора, полицијата уапси двајца адвокати на жртвите на оваа партија, која сега не само што е забранета, туку е и класификувана како криминална организација. Адвокатите беа уапсени при обид да им дадат правна помош на други, штотуку приведени лица.

Полицијата ги оправда сите апсења со изјавата дека приведените не се придржувале кон заштитните мерки против натамошното ширење на коронавирусот. Но, фотографиите раскажуваат друга приказна: сите приведени, без исклучок, носеле маски и се приближиле едни до други дури откако полицајците ги принудиле на тоа. На крајот на денот, билансот беше: 374 лица беа уапсени, а на 135 им беше одредена мерка притвор.

Закон и поредок

Грчката држава троши многу пари за прекувремените работни часови на стотици полицајци и за хеликоптерите што го обиколуваа небото над Атина. Од друга страна, прекувремените работни часови на медицинскиот персонал во преоптоварените болници остануваат неплатени.

Конзервативната влада на премиерот Кирјакос Мицотакис не е особено успешна во менаџирањето на коронакризата, поради што се обидува да  постапува радикално решително на полето на внатрешната безбедност. На голем дел од нејзините гласачи им се допаѓа политиката на „закон и поредок“. Покрај тоа, дванаесет години по бунтот на младите и десет години по почетокот на должничката криза, повеќето граѓани се уморни од демонстрации. Во моментот не им пречи особено самоволието на полицијата против луѓето што сакаат да положат цвеќе. Многумина имаат други грижи. Тие стравуваат за своето здравје и за финансискиот опстанок по „короналокдаунот“.

Глупавото, притоа, е тоа што при полициските операции и многу полицајци се заразуваат со коронавирусот. Најчесто затоа што самите не се придржуваат до заштитните мерки коишто, всушност, треба да ги спроведат.

Преземено од „Дојче веле“

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот