24.8 C
Скопје

Грција и новата енергија: Гасот е „мостот“ кон новиот енергетски свет

Веќе десет години, грчката државна компанија за управување со јаглеводороди (EDEY) ги менаџира правата на државата во истражувањето и експлоатацијата на нафта и гас во Грција. Неодамнешните откажувања на меѓународните компании, како што е „Репсол“, од правата за истражување на резервите на нафта во Грција предизвикаа сценарија за рано завршување на „нафтената ера“ во Грција со различни геополитички и економски несакани ефекти

Извршниот директор на ЕДЕЈ (EDEY), д-р Аристофан Стефатос – експерт за геологија и геофизика, со долгогодишно искуство на раководни позиции во приватни јаглеводородни компании во странство, особено норвешки – тврди дека во EDEY ја има клучната улога за грчката трансформација кон зелената енергија.

ЕТС: Додека правната ратификација на најновите концесии за истражување на јаглеводороди е прашање на месеци, сведочиме растечки тренд на заминување на компаниите. Дали ова го означува почетокот на крајот на ерата на јаглеводороди во Грција, пред таа дури и да започне?

Стефатос: Не, дефинитивно не. Она што го доживуваме е најголемата трансформација на секторот од времето на откривањето на нафтата и гасот пред 100 години. Се разбира, не станува збор исклучиво за јаглеводороди, туку за енергетскиот сектор како целина. Она што го гледаме е вистинска промена на парадигмата, наметната од растечката свест на општеството дека мора да се справиме со климатските промени. Оваа претпоставка ја одредува јавната побарувачка и врши притисок врз бизнисите и политичарите да дејствуваат без одложување.

Истовремено, верувам дека индустриски и економски развиените земји сфаќаат дека постои можност да се намали нивната енергетска зависност од традиционалните земји произведувачи на нафта, што е особено важно во време кога ескалира глобалната трговска конкуренција. Пандемијата помогна да се создаде чувство на итност и да се открие огромната сложеност на нашиот глобален општествено-економски систем.

Како што знаете, многу земји денес работат напорно за да најдат рамнотежа за тоа како да се справат со овие комплексности: на пример, затворањето на општеството може да има позитивен ефект врз ограничувањето на ширењето на вирусот, но исто така има огромно негативно влијание врз другите сектори. Доживуваме нешто слично во енергетскиот сектор. Грција, сепак, има значителна конкурентска предност, бидејќи може да работи и да го премости традиционалниот енергетски свет со новиот.

ЕТС: Постои ли преодна улога за ЕДЕЈ (грчката компанија за менаџирање со јаглеводород) во неповратната промена кон одржливите и обновливи енергетски извори?

Стефатос: Иако звучи како оксиморон, ЕДЕЈ игра клучна улога во оваа транзиција. Фактот дека треба да ја смениме нашата мешавина на енергија со вклучување на поодржливи и обновливи извори на енергија е неспорен. Грција започна едно од најамбициозните и најуспешните патувања во Европа со цел да се постигне посакуваната транзиција. Прашањето, сепак, не е за нашата крајна дестинација – со која сите се согласуваме – туку за начинот да стигнеме таму. Тоа е огромниот простор што ќе треба да го покриеме во децениите што доаѓаат, а ќе се бара помеѓу најзагадувачките јаглеводороди и економијата што се напојува исклучиво од чисти обновливи извори.

ЕТС: Каква алтернатива може да им предложите на нафтените компании кои беа привлечени да инвестираат во Грција во последната деценија?

Стефатос: Со оглед на посебните карактеристики на грчкиот пазар, треба да им се обратиме на оние компании кои први ги прифаќаат промените во нивната енергетска мешавина и кои тоа го прават на најпаметен начин. Знаеме, на пример, дека гасот треба да игра катализаторска улога како „преодно гориво“ во оваа транзиција – без него е малку веројатно дека ќе го одржуваме нашиот енергетски систем во функција додека го елиминираме лигнитот и чекаме да биде надополнет од обновливите извори. Затоа, мора да ги финансираме огромните трошоци поврзани со промена на целиот наш енергетско-економски систем.

Грција мора да ги забрза своите напори да заработи пари од богатството што го имаме во однос на почисти енергенси, како што е природниот гас. Тој има потенцијал да генерира значителни приходи, не само за закрепнување на економијата, туку и за забрзување на енергетската транзиција. Исто така, верувам дека зајакнувањето на стратегискиот енергетски отпечаток на Грција е во геополитички интерес на земјата. Веќе гледаме дека развојот на настаните околу течниот природен гас (ТНГ), гасоводот ТАП, ИГБ (грчко-бугарскиот гасовод) и другите енергетски инвестиции ја ставија Грција во водечка улога во регионот и во ЕУ.

ЕТС: Алтернативите за кои се дискутира вклучуваат складирање на гас и јаглерод диоксид и тнр. „син водород“. Дали овие технологии се навистина зелени?

Стефатос: Целосно ја споделувам грчката национална стратегија за борба против климатските промени и забрзувањето на транзицијата кон економија со низок јаглерод. Мојата работа како извршен директор на ЕДЕЈ е да ги имплементирам овие национални стратегии. Лично, се надевам дека ќе го сториме тоа со истата ефикасност и врз основа на пристапот на другите успешни држави.

Норвешка, на пример, каде што живеев многу години до неодамнешното враќање во Грција, има жив и високо успешен сектор за јаглеводороди со милијарди долари годишни приходи наменети за здравството, образованието, за пензии и други национални приоритети, како и проекти за намалување на еколошкиот отпечаток (на пример, проектот „Северна светлина“ за зафаќање и складирање на јаглеродот). Тие тоа го прават со најстрога еколошка и општествена грижа. Не наоѓам причина зошто Грција не треба да се обидува да го стори истото.

Искористувањето на постојните капацитети и нивно трансформирање во проекти за намалување на чист јаглерод диоксид се несомнено проекти од зелената „кружна економија“. Ваквите проекти можат да понудат идни решенија за домашната индустрија, да ја забрзаат реалната транзиција кон водород и да додадат вредност на гасната инфраструктура.

Неодамна, преку аквизиција на „ДЕПА интернешнл воркс“ („DEPA International Works“), учествуваме и во важни транспортни проекти, како што се транснационалните цевководи ИГБ (IGB) и „ЕстМед“ (EastMed), кои ќе ја подобрат вертикализацијата на нашиот енергетски систем. Но, ние исто така се шириме хоризонтално, со истражување за тоа како можеме да создадеме синергија помеѓу јаглеводородите и обновливите извори на енергија, особено во офшор-околината.

Преземено од „Ефемерида тон синтактон“ од Атина

Поврзани вести

Лукаревска: Наша единствена алтернатива е ЕУ

Слободен печат

Пукотница во Старата скопска чаршија

Слободен печат

Филипче од Штип: Покажавме дека за нас зборот е збор, го имаме најдоброто за секоја општина

Слободен печат

Ексцентричен тајкун, креатор на најпознатата антивирусна програма, пронајден мртов неколку часа по одлуката за екстрадиција

Слободен печат

Заев тврди дека не разговарал со Ахмети за промена на знамето, грбот и химната

Слободен печат

Заев за новите проекти: Се воведува еколошка такса, ќе се инвестира во обновливи извори

Слободен печат

Остави Коментар