Грција става ред во сместувањето туристи – нема веќе издавање соби во темни подруми и стоваришта
Во Грчкиот парламент денеска започна расправата за предлог-законот со кој се заоструваат правилата за краткотрајно издавање станови и куќи на туристи и се забранува издавање на пренаменети магацини и подруми без прозорци.
Импровизираните магацини, подземните простории без природно осветлување и поранешните индустриски капацитети ќе бидат отстранети од платформите за изнајмување на туристи, вклучително и оние кои веќе се пренаменети за угостителска употреба, јави „Еј-би-си њуз“.
„Просторите за изнајмување мора да бидат простори кои се користат за домување, со природна светлина, вентилација и климатизација“, рече министерката за туризам Олга Кефалојани.
„Воведуваме минимални оперативни и безбедносни стандарди“, рече таа додавајќи дека целта е „долгорочен, одржлив и квалитетен развој на грчкиот туризам, а не само уривање на рекорди секоја година“.
Изготвувањето на законот се совпаѓа со едногодишната забрана за нова регистрација на имоти за краткорочно изнајмување во популарните области на Атина како Колонаки, Кукаки и Егзархија, за што е воведена парична казна од 20.000 евра.
Изнајмувањето помогна да се зајакне грчката туристичка индустрија, која носи 13 отсто од нејзиниот бруто домашен производ, но го зголеми притисокот врз семејствата поради зголемените кирии и недостигот на достапни имоти.
Грција лани имала приходи од туризмот од рекордни 22 милијарди евра, а земјата ја посетиле 35 милиони странски туристи.