Грција: Објавена нова листа со прислушувани разговори со софтверот „Предатор”

Грција парламент/ Фото EPA-EFE/ALEXANDROS VLACHOS

Нова листа со прислушувани со софтверот „Предатор”, на која, меѓу другите, се и поранешниот началник на грчката полиција, обвинителката во Националната служба за разузнавање, но и владиниот портпарол, објави грчкиот весник „Документо”, а од опозициската СИРИЗА бараат од Мицотакис, или да даде одговори или да си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.

Проопозицискиот весник пишува дека конкретните лица, биле прислушувани со „Предатор” по наредба од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а на новата листата со 33 имиња, освен поранешниот началник на грчката полиција, обвинителката во Националната служба за разузнавање и владиниот портпарол се и министерката за образование, пратеник од ПАСОК, генерални секретари, обвинител, бизнисмени итн.

Од СИРИЗА преку соопштение коментираат дека со она што го објави весникот „Мицотакис повеќе не е обвинет за следење на неговите противници и соработници, туку за организирање и извршување на невидена уставна и демократска диверзија”.

Или ќе даде убедливи одговори за диверзијата или ќе треба веднаш да си поднесе оставка, бидејќи тоа што го направи е многу сериозна опасност за самата демократија, соопштија од СИРИЗА.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому одговори дека „уставна и демократска диверзија е тоа што СИРИЗА се обидува да создаде услови на политичка аномалија со целосно усвојување на недокажани тврдења”, додека пак за издавачот на „Документо”, новинарот Костас Ваксеванис рече дека „ неговите митови и шпионски романи се пишуваат за да се создаде наратив за оправдување на поразот на СИРИЗА што се наѕира на претстојните избори”.

Владата, прва во Европа, претстави комплетна законска рамка за справување со малициозни софтвери, а во исто време силна е нејзината политичка волја за целосна истрага на правдата и расчистување на сè што е објавено од медиумите, со цел да се дефинираат реални димензии на случајот во Грција, од моментот кога такви софтвери се појавија уште за време на Владата на СИРИЗА, рече Иконому во писмената изјава.

Пред три седмици весникот „Документо” ја објави првата листа со 33 лица, за кои пишуваше дека преку софтверот „Предатор” и Националната служба за разузнавање (ЕИП) биле прислушувани од кабинетот на грчкиот премиер, во чија надлежност е и ЕИП.

На првата листа беа меѓу другите беа и: поранешниот премиер од редовите на Нова демократија Андонис Самарас, шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, министрите за развој, туризам и труд, како и нивните сопруги, министерот за финансии, заменик министерот за одбрана, алтернативната владина портпаролка, поранешните министри за заштита на граѓаните итн, но и личности поврзани со големите бизнисмени во Грција, како и лидерот на ПАСОК- Движење на промена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот