Грчкото и бугарското вето: исто, само обратно

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

И грчкото и бугарското вето се исти поради територијалните аспирации и иредентистичките влажни соништа, но во грчкиот случај македонското ВМРО упадна на грчка територија, а во бугарскиот случај бугарското ВМРО упадна на македонска територија.

Двете најважни својства на големите примати, меѓу кои и приматот без крзно што себеси арогантно се нарекол хомосапиенс, се нивната социјалност и територијалност. Тие живеат во групи, глутници, родови и племиња што се секогаш врзани за одредена територија. Најсоцијалниот од нив – човекот – со време успеа својата глутница да ја направи навистина голема, да брои милиони единки, територијата што ја смета за своја да ја прогласи за државна територија, а глутницата да ја промовира во нација. Начинот на кој една социјална заедница ја освојува и утврдува својата животна територија остана ист, од големите глутници на бабуни или подобро организираните родовски банди на шимпанза, до современите нации-држави: тоа е масовен колеж и грабеж, запоседнување на територија и истребување или претопување на староседелците.

Во создавањето на оваа суштинска спојка помеѓу една социјална група примати и нивната територија, само најсоцијалниот примат осетил потреба да создава приказна односно мит што ќе му го обезбеди правото на освоената територија, и само тој во митот го вградува и оправдувањето за злосторите што притоа ги починил. Тој наратив денес се нарекува херојски мит за создавањето на нацијата, додека славењето на настаните и хероите го чинат идентитетот на нацијата, а сите оние што ја споделуваат оваа фикција ја чинат нацијата.

Светото писмо

Така што, идентитетските прашања се само еуфемизми што треба да ја разубават суровата биологија и географија на идентитетот. Сѐ се сведува на тоа кој заземал која земја, и кој полага право на чија земја. Секогаш фашистичкото Blut und Botten. Секоја идентитетска ѓурултија е само историска, дипломатска или медиумска сценска магла што го препокрива или затскрива ноторно истиот мотив за крвта и земјата. Ако не ми верувате на збор, прелистајте го малку Светото писмо и ќе видите што е, на пример, содржината на првото обраќање на Господ на Аврама. Тоа е првото ветување на земја: „И му рече Господ на Аврама: Излези од земјата своја, и од родот свој, и од домот на татка си, па појди во земјата, што ќе ти ја покажам Јас!“ (Прва книга Мојсеева 11.12.1) Господовата реч ја создало Ветената земја и за сите времиња ги оправдало злосторите што ќе се извршат во име на исполнувањето на тоа божје ветување.

Како се остварува ветувањето – прилично време подоцна – кога Мојсеј го довел избраниот народ во Ветената земја, после 430 години прогонство? „И отидоа во војна против Мадијам, како што му заповеда Господ на Мојсеја, и ги убија сите од машки пол; а заедно со убиените од нив ги убија и мадијамските цареви; мадијамските, пак, жени и децата нивни синовите Израилеви ги зедоа во плен; и сиот нивни добиток, и сите стада нивни, и целиот имот нивни го заграбија; сите градови нивни и сите села нивни со оган ги изгореа. И го зедоа сето заграбено, од човек до добиток; и заробените и ограбеното му го донесоа на Мојсеја (…)“. И, што мислите, почитувани читатели, што им рекол во тој миг таткото на нацијата? Еве што: „И се разгневи Мојсеј на воените началници, што се беа вратиле од војната, па им рече: Зошто ги оставивте живи сите жени?!“

А, пред одлучната битка за Хананската земја, Господ лично му рече на Мојсеј: „Кажи им на синовите Израилеви и речи им: кога ќе минете од оваа страна на Јордан во Хананската земја, погубете ги сите жители на оваа земја, разрушете ги сите нивни хармови и сите излеани идоли, разорете ги; погубете се живо во таа земја и завладејте ја и населете се во неа, зашто Јас ви ја давам таа земја да ја владеете“. (Последниве цитати се од Четврта книга Мојсеева 30.31.7-15 и 33.50-53). Ете како во библијата се разрешуваат идентитетските прашања, а не како овде на Балканите во 21 век: те историја, те јазик, па со штипење и клоцање под клупа, плачипичести меморандуми, дипломатски и други уцени и сопки.

Конечно, кога ги расчистивме основните факти за суштината и потеклото на идентитетските прашања што во 21-от век се прелеаја по земјата како од затната планетарна септичка јама, можеме да ги расчистиме и идентитетските прашања што библиската земја ги има(ше) со своите грчки и бугарски соседи. Често се спомнува тезата дека грчкото и бугарското вето се исти по својата природа: навредливи и ирационални негирања и нарушувања на сите елементи од нашиот национален идентитет – првин знамето и името, а сега и самото постоење на македонската нација и јазик, најпосле и на македонската историја и култура. Но, не е така.

Првин, воопшто не се работи за идентитетски прашања – тие се употребуваат само како валута за поткусурување – туку за старите добри територијални прашања: за тоа чија е територијата и кој го има историското право на неа, и како да се легитимираат и зацементираат сите колежи што се направени во име на тоа историско право. До тука се грчкото и бугарското вето суштински исти, но оттука потаму, тие се буквално обратни. Сигурно ќе прашате: зошто?

Елем, во двата случаи се работи за гнасно вмровско посегнување преку меѓународно признаена државна граница и – под закрилата на историско-идентитетскиот наратив – прогласување на делови или на целата земја на соседот како иредента, неослободена земја.

Територијални аспирации

Меѓутоа, во случајот со грчкото вето, тоа беше упад на македонското ВМРО (и на македонската држава, додека вемерето беше на власт) на територијата на соседна Грција, првин со присвојувањето на ѕвездата од Вергина како идентитетски симбол на нашето знаме, а потоа со потполната идентификација на македонската нација со античкото македонско кралство чијашто територија се совпаѓала првин со дел, а потоа и со целата територија на денешната грчка република. Така што, Грците беа во ситуација да ја бранат својата државна територија, протегајќи го територијалниот суверенитет и на историјата и идентитетските аспекти што потекнуваат од нејзината територија. И, патем, се разбира, и да ги легитимираат и забетонираат во непробоен историски бункер своите злостори што ги сторија врз населението на Новоосвоените територии, за целиот век од консолидацијата на Северна Грција.

Интересно е што во библиската земја ни малку не е развиена свеста дека во случајот со грчкото вето ние бевме агресорите, а тие со Преспанскиот договор постигнаа само да направат посилна граница со нас, граница што нема да ги меша историите, идентитетите и териториите. Оваа вистина никако да ни пукне пред очи, дури и кога бугарското ВМРО изврши упат на територијата на нашата земја, со идентични тврдења за нашата историја и за нашите херои од минатото, како што беа тврдењата на македонското ВМРО за хеленската историја и идентитет, имено, дека се тие македонски по својата суштина и бит, и историски, и генетски, и јазично.

Така што – да, и грчкото и бугарското вето се исти поради територијалните аспирации и иредентистичките влажни соништа, но во грчкиот случај македонското ВМРО упадна на грчка територија, а во бугарскиот случај бугарското ВМРО упадна на македонска територија. Исто, само обратно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот