Грчко-албански односи: Хаг ќе решава за границата во Јонското Море

Мицотакис и Рама на средба во Атина октомври 2019 година/Фото: EPA-EFE/KOSTAS TSIRONIS

Прашањето за разграничување на зоните за поморска надлежност меѓу Албанија и Грција предизвикува полемики, особено по усвојувањето на законот од 20 јануари за двојно зголемување на грчките територијални води во Јонското Море, од 6 на 12 милји, што сега ќе оди на разгледување во Меѓународниот суд во Хаг

Првиот документ за воспоставување граници меѓу Албанија и Грција се постави на Лондонската конференција на амбасадори од 1912-1913 г. Подоцна, на 25 јануари 1925 г., беше потпишан протокол за воспоставување поморски граници. Конечната пресуда за албанските поморски граници беше изготвена на 30 јули 1926 г., на Париската конференција на амбасадори, потпишана од Албанија, Грција и Југославија. Иако пресудите и протоколите ги воспоставија поморските граници меѓу Албанија и Грција, во последниве години нивното разграничување предизвика спор.

Конвенцијата на нациите на ООН за правото на морето УНЦЛОС (UNCLOS) се појавува како најважниот документ за меѓународното поморско право. Пред УНЦЛОС, беа организирани две одделни конференции на ООН за поморското право во Женева во 1958 и 1960 г. Грција го ратификуваше УНЦЛОС во 1995 г., следена од Албанија во 2003 година. Конвенцијата, позната како „Устав на морското право“, ѝ дава на секоја земја да има право да ги прошири своите територијални води до 12 милји. Сепак, некои други одредби го ограничуваат и регулираат тоа право. Поради карактеристиките на албанското и грчкото крајбрежје и посебните ситуации и детали на грчките острови како што се Крф, Лазарето, Ереикуса и Отонои, овие одредби биле предмет на правни дискусии и различни толкувања. Меѓународните правни норми даваат прецизни правила и принципи за проблемот со зоните за поморска надлежност, кои се обврзувачки и над интересите и барањата на страните. 

Поморски економски зони

Друга контроверзна тема е потребата од договор за утврдување на ексклузивни економски зони според поморскиот закон. Според УНЦЛОС, за две земји со крајбрежје спроти или соседни едни со други, формирањето на ексклузивна економска зона треба да се направи по заеднички договор според меѓународното право. Врз иста основа се воспоставени и континенталните разграничувања помеѓу две земји со спротивни или соседни брегови.

Имајќи ги предвид дефинициите за меѓународното поморско право и карактеристиките на албанското и грчкото крајбрежје, за да ги прошират територијалните води, двете страни треба да направат заеднички договор за територијалните води на малите грчки острови и статусот на територијалните води на овие острови наспроти континенталното разграничување.

Спорот меѓу Албанија и Грција сега се фокусира на толкувањето на албанските експерти за меѓународно право, кои сугерираат дека „мал остров не може да ги има истите права (за разграничување) како континенталниот брег“.

Во членот 15 од УНЦЛОС се вели: „Каде што бреговите на две држави се спротивни или во непосредна близина едни со други, ниту една од двете држави нема право, доколку не се согласи другата страна, да го прошири своето територијално море над средната линија, чијашто точка е еднакво оддалечена од најблиските точки на основната линија од каде што се мери ширината на територијалните мориња на секоја од двете држави. Сепак, горенаведената одредба не се применува онаму каде што е потребно, заради историски или други посебни околности за разграничување на територијалните мориња на двете држави на начин кој е во спротивност со ова.“

Имајќи предвид дека многу грчки острови во Јонското и Егејското Море се наоѓаат многу блиску до албанското и турското копно, ситуацијата станува посложена за Грција. Од таа причина, преземање активности за проширување на територијалните води и поделба на поморските зони бара договор меѓу Грција и нејзините соседи.

Договорот меѓу Албанија и Грција од 2009 година

Прашањата за подрачјата на поморската јурисдикција, кои беа запоставени под комунистичкиот режим на Албанија (1944-1991), повторно се оживеаја по распадот на режимот, по што започнаа и официјалните преговори. Во 2009 г. беше потпишан договор за „разграничување на континенталниот гребен на договорните страни и другите поморски зони во согласност со меѓународното право“ меѓу грчките и албанските влади, претставени од тогашните премиери Костас Караманлис и Сали Бериша.

На договорот во Албанија се спротивставија Социјалистичката партија, предводена од Еди Рама, кој е сега албански премиер. Партијата подоцна се обрати до Врховниот суд, тврдејќи дека договорот е неуставен. За договорот, кој беше поништен и не беше одобрен од парламентот, социјалистите тврдат дека „морските граници меѓу Албанија и Грција биле претходно утврдени и нема потреба од ново разграничување“ и дека „периодот на преговори и подготовка на договорот не бил транспарентен“. Партијата тврди дека основната линија не била утврдена порано и дека е важно да се стори тоа за одредување на континенталниот гребен и другите области, дека албанското и грчкото крајбрежје не се исти и дека ова прашање влијаело врз принципот за утврдување на поморската граница.

Според нивните аргументи, грчкиот остров Крф се наоѓа во зоната за поморска надлежност што треба да ѝ припаѓа на албанската влада. Овој аргумент ги оспори поволните географски услови за грчката страна. Социјалистите, во расправата пред Врховниот суд, тврдеа и дека островот Отонои формирал продолжение на грчката поморска област кон север, во неповолна положба на Албанија. Социјалистичката партија изјави дека нема причина да се признае поморска област за карпата Баркета, бидејќи таа се појавува и исчезнува со плимата и осеката.

Поништување на договорот

Во 2010 г., Врховниот суд на Албанија го прогласи договорот за „законски неважечки“ и „неуставен“ и го поништи. Судот откри суштински процедурални прекршувања во рамките на нацрт-договорот, кршејќи ги албанскиот Уставот и одредбите на УНЦЛОС. Судот утврдил дека договорот не го исполнил принципот на „посебни услови“ на УНЦЛОС, како должината на брегот, формата и присуството и природата на островите или карпите. Имајќи го предвид принципот на „еднаквост“ и гореспоменатите „посебни услови“, судот наложи да се земат предвид посебните карактеристики на двете земји и особено присуството на острови и карпи, кои се предмет на зони на морска надлежност.

Судот се согласи дека главниот остров Крф треба да биде посебно третиран, а населените острови Лазарето, Ереикуса и Отонои да се проценуваат индивидуално, и дека границата утврдена со договорот островите неправедно ги изедначува со континенталната територија на Албанија. Судот укажа и на договор од 1977 г. во врска со определувањето на континенталниот гребен меѓу Италија и Грција, во кој на островите Отонои и Ереикуса им е доделено делумно погранично овластување.

За Врховниот суд важен проблем на договорот од 2009 година е и карпата Баркета. Укажувајќи дека со договорот се дава целосна јурисдикција на оваа карпа, проблематично е што мал, напуштен остров без економска активност се одржува под еднакви услови, како и континенталната земја на Албанија. Покрај тоа, поради својата локација, карпата предизвикува поместување на границата меѓу континенталните крајбрежја на двете земји во значителна мерка.

Во својата завршна декларација, Судот процени дека договорот потпишан од Албанија и Грција е неуставен затоа што претседателот на Албанија не му дал целосно овластување на албанскиот комитет за водење на преговорите.

 Одлука за одење на меѓународен суд

Така, прашањето за поморската надлежност меѓу Албанија и Грција стана компликувано, предизвикувајќи спорови во двете земји.

Во април 2018 г., албанскиот премиер Еди Рама и тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас уште еднаш започнаа официјални состаноци за разграничување на зоните за морска јурисдикција меѓу двете земји. По неколку состаноци, страните не беа во можност да постигнат решение и разговорите завршија без заклучок. Наспроти намерата на Грција за проширување на нивната морска јурисдикција во Јонското Море од 6 на 12 милји, Еди Рама изнесе став дека „правото да се прошири на 12 милји може да се изврши само во области каде што е применливо“, врз основа на одредбите на УНЦЛОС.

Минатиот август, пак, поранешниот премиер Бериша, кој го потпиша договорот оспорен од Врховниот суд, го оцени планот на Грција за удвојување на територијалните води од 6 на 12 милји како „штетен за Албанија“. „Регионот е веќе во неволја заради триењата меѓу Турција и Грција, што предизвикува последици“, додаде Бериша.

Најновиот конфликт меѓу Албанија и Грција се појави во 2020 година. На 20 октомври, албанските власти изјавија дека постигнале договор со Грција да го испратат спорот пред меѓународна арбитража, а грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, потврди дека прашањето ќе биде однесено во Хаг.

 

Преземено од „Анадолу агенција“ од Анкара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот