Грантовите не ги спасија рестораните за свадби: Резервациите од годинава се презакажуваат за 2022-та

Фото: Unsplash

За годинава, барем официјално, не е закажана ниту една свадба, а резервациите кои стојат од лани, веќе почнаа да се префрлаат за 2022 година. Прецизно, ваквите објекти, не работат уште од ноември 2019 година, кога заврши свадбарската сезона за таа година, а од март 2020, кога требаше да почне новата, рестораните се под клуч.

-Не работиме повеќе од една година, се што беше закажано се откажа, а веќе почнуваат да се презакажуваат и оние кои имаа термини за оваа година. Нашите простории се огромни и може да се почитуваат здравствените протоколи, а ако ни наложат, би прифатиле дури и да бараме сите гости да бидат вакцинирани – велат за „Слободен печат“ од ресторанот „Амор“.

Од Владата информираа дека до почетокот на декември лани, до Министерството за економија преку платформата www.domasiedoma.gov.mk , пристигнале вкупно 238 апликации за грантови за ресторани за свадби, од кои 133 ги исполниле условите од јавниот повик, а биле искористени средства во износ од 55,7 милиони денари.

-Помошта ни оддалеку не беше доволна за да се спаси нашето работење. Јас лично не земав, бидејќи сакаме да работиме, а не да земаме помош. Најголемиот дел од нас, имаат земено кредити, за кои треба да се платат рати и камати, течат даноци и плати. До лани во ноември имав 17 вработени, а располагаме со простор од 11.000 квадрати, кој бара одржување. Со колегите размислуваме да ги оставиме клучевите од објектите пред Владата, бидејќи ионака сме пред банкрот- велат од ресторанот „Грин Гарден“ во Сопиште.

Во моментот, судбоносното „да“, може да се изрече во Управата за матични работи, каде според сите протоколи, освен младенците може да присуствуваат и двајца сведоци. И по повеќе од една година, се уште нема други насоки, според кои на свечениот чин ќе може да присуствуваат повеќе лица. Епидемиолозите, сметаат дека дури и да се вакцинираат сите, групирањето особено на свадби ќе треба да се избегнува.

За незаконско организирање веселба со повеќе лица следува казна од 2.500 евра, едномесечно затворање на објектот и кривична пријава. Сепак, инспекторите и полицијата секојдневно растураат барем по неколку свадби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот