Грант од 61 милион денари преку Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП) за 14 општински проекти

 На 12 општини им се доделени грант-средства од 60.895.919 денари преку Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП), кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка. Овие средства ќе влезат во финансиска конструкција за 14 општински проекти како – изградба на училиште, реконструкција на постојно училиште, набавка на опрема за градинка, набавка на опрема за детско игралиште, изградба и реконструкција на патна инфраструктура, набавка на професионални возила и мултифункционални машини.
Станува збор за општините Кисела Вода, Крушево, Центар, Гостивар, Ѓорче Петров, Кривогаштани, Шуто Оризари, Ресен, Кочани, Желино, Студеничани и Чучер Сандево.  Грант-средствата ги доделува Светска Банка за претходно успешно реализирани проекти преку МСИП на општините.
Со грантовите ќе се поддржи изградба на училиште во општина Желино, во населеното место Церово, понатаму реконструкција на основното училиште „Мите Богоевски” во населеното место Болно во општна Ресен, набавка на опрема за изградба на детско игралиште во општина Шуто Оризари и набавка на опрема за градинката „Пепелашка” во општина Центар. Во Кисела Вода, Чучер Сандево и Студеничани ќе се изврши реконструкција на локални улици, а во Кочани средствата се наменети за регулација на Кочанска река. Во останатите општина средствата ќе се користат за набавка на општинска механизација и машини.
Главна цел на овие проекти е подобрување на услугите на општините и  условите за живот на целокупното население преку проекти за подобрување на локалната инфраструктура. Преку реализација на овие проекти директна корист ќе имаат близу 220 илјади жители од овие општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот