Грамаден горила што никој не го забележува

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Законот против странски агенти, иако одржува тоталитарна контрола не само врз странски влијанија, во САД и во Велика Британија е доблесен и ја негува демократијата, додека во Русија и во Грузија тој е тоталитарен до дното на својата суштина.

Иако е опремен со практично неограничен когнитивен и мемориски капацитет, човечкиот мозок во неговото секојдневно функционирање е ограничен со сопствените градбени својства. Едно од базичните ограничувања во работата на мозокот е неговата исклучително тенка способност да се всредоточи на нешто, да го задржи подолго време вниманието или да го оствари практично невозможното: истовремено да одржува внимание на две или повеќе работи.

Како што пишува Канеман, мозокот располага со ограничено количество внимание и тоа само кон еден предмет истовремено, што е исто толку изненадувачки колку што е тоа очигледно, и тоа од сечие искуство. Вршењето повеќе работи истовремено, особено доколку тие не се автоматски туку бараат барем минимален ментален напор, е потполно невозможно. Луѓето не можат да помножат 17 x 24 додека се вклучуваат во сообраќајот на динамична крстосница. Толку популарниот „мултитаскинг“ е урбан мит, широко злоупотребувана заблуда при експлоатацијата на наемните работници.

Но, секој од нас безброј пати ги доживеал моментите на когнитивно слепило или глувост во ситуации кога сме всредоточени кон решавањето некој проблем или кон следењето на некоја активност (било да е тоа работна обврска или е тоа следењето спортски настан или гледањето филм). Моќта на концентрацијата – да ги замолчи сетилата што ѝ пречат – произлегува од мозочниот хендикеп опишан погоре, имено, дека тој може да се концентрира само на еден проблем истовремено и дека и таа функција едвај ја одржува, та мора да ги ослепува очите и да ги затнува ушите додека се бори да го одржи вниманието.

Најпознатиот експериментален доказ за тезата дека мултитаскингот не само што не е возможен, туку и дека всредоточувањето знае да ги направи луѓето слепи, е филмскиот опит на психолозите Чабрис и Сајмонс опишан во книгата „Невидливиот горила“. Елем, тие снимиле краток филм во кој два тима играат кошарка, при што едниот тим е облечен во бели, а другиот во црни дресови. На гледачите им била дадена задача да го пребројат бројот на меѓусебни додавања на белиот тим, додека црните требало да ги игнорираат. На средина на филмот се појавува жена во костим на горила, која преоѓа преку теренот, се удира со тупаници во градите и излегува од кадарот, сето тоа во траење од 9 секунди.

Половина од илјадниците луѓе што го гледале филмот и броеле, не го забележале горилата. А, кога истражувачите им укажале на него, наишле на изненадување и неверување, што – како што тврди Канеман – укажува на две фундаментални вистини за нашиот ум: можеме да бидеме потполно слепи на очигледни работи и дека сме најчесто слепи за сопственото слепило.

Токму врз ова двојно слепило, кое е еволуциска когнитивна мана на целиот човечки вид, се темели огромната моќ на современата медиумска пропаганда. И тука не станува збор за некаква теорија на заговор, туку е во прашање сеприсутната техника на заблудувањето на цели општества, и тоа само со експлоатирање на својството на човечкиот ум да следи само една приказна истовремено. „Тајната формула“ на пропагандниот успех се состои само во одржување на вниманието на јавноста секогаш на таа една внимателно избрана приказна.
Совршен пример за оваа пропагандна техника можевме да следиме деновиве, кога светските вести ја следеа ситуацијата во Грузија, каде што илјадници граѓани излегоа на улиците да протестираат против законот што грузискиот парламент го беше ставил во законска процедура на донесување. Предлог-законот се однесуваше на востановување на статусот „странски агент“ за секоја организација што се финансира од странство, и тоа со повеќе од 20 отсто од примањата. Протестите добија целосна поддршка од САД, НАТО и од ЕУ, при што таканаречениот „руски закон“ беше критикуван како историски ретрограден закон со кој тоталитарните режими сакаат да ги замолчат поединците и групите од опозицијата ставајќи ги во ситуација да се регистрираат како „агенти на странското влијание“ и на тој начин да мора да ги откријат своите финансиери и нивните политички мотиви, та дури на тој начин да ги стигматизираат како разузнавачки агенти и државни непријатели.

Европската Унија цврсто застана зад демонстрантите, кои не се ограничуваа само на протестирање туку и на палење улиците на Тбилиси со молотови коктели. Министерот за надворешни на Унијата Жозеф Борел изјави дека законот бил „исклучително лош за иднината на Грузија и за нејзините граѓани“ и дека тој бил „директно спротивен на грузиските искажани намери за зачленување во ЕУ“. Протестите беа толку добро организирани и жестоки, што извршија притисок на владејачкото мнозинство во парламентот кој резултираше со повлекување на законот минатиот петок.

Политичката нестабилност во Грузија продолжува и по повлекувањето на „рускиот закон“, но ударните вести го поместија фокусот на вниманието на јавноста на други настани. Од целата медиумска приказна остана нејзината основна порака: проруските сили претрпеа пораз, зашто законот што беше наречен „руски“, авторитарен и тоталитаристички – поради тоа што наликува на рускиот закон за странски агент донесен во 2012 година – беше повлечен и напуштен.

Па, каде е горилата што не можеме да го видиме, ќе прашате сигурно. Работата е што во игра е цела глутница на горили, облечени во костими на „закони за странски агенти“ што и САД и Велика Британија – водечките демократии – ги имаат донесено и ги применуваат целово време во „заштита на нивните демократии“ од странски влијанија.

Пред некоја година, во тишина и во демократска слога, беше донесен во Велика Британија законот со назив „Постапка за регистрација на странски влијанија“ или FIRS, како амандман на Законот за национална безбедност. На сајтот на британската влада може да се прочита како „законот воведува нови мерки за заштита на нашата национална безбедност и ги модернизира постојните контраразузнавачки прописи во борбата против скриените влијанија“. Мерките се инаку многу построги од грузискиот предлог, подрастични се и од рускиот урнек, а за нивното спроведување се грижи директно МИ5, британската контраразузнавачка агенција.

Американскиот горила е уште поголем: „Законот за регистрација на странски агенти“ (The Foreign Agents Registration Act – FARA) е донесен уште во 1938 година, и од тогаш е во интензивна употреба во Соединетите Држави. Законот предвидува строг режим на разоткривање на активностите, финансиите, мотивите, потеклото на парите и политичките интереси на сите поединци и организации на кои надлежниот државен орган ќе им утврди статус на странски агент. А, органот задолжен за мерките за контрола на странските агенти е ФАРА – Одделот за контраразузнавање во познатиот државен Оддел за државна безбедност (National Security Division – NSD). Ако го отворите вебсајтот на американското министерство за правда и ФБИ, ќе наидете на симпатична брошура во која се слави виталната заштитна функција на регулативата ФАРА, со која се идентификуваат, регистрираат и се санкционираат странските агенти. Највесел е делот во кој се инструкциите како граѓаните на САД ќе ги препознаат помеѓу своите познаници нерегистрираните странски агенти – „доколку се посомневаат дека имале контакт со нерегистриран странски агент, веднаш да го пријават на нивниот локален ФБИ агент или офицер на ФАРА одделот“.

Има ли поелегантен психолошки експеримент за манипулацијата со нашето уморно и мрзливо внимание? Иако американскиот закон за странски агенти одржува тоталитарна контрола не само врз странските влијанија, туку ги тренира своите граѓани да се сомневаат и да ги денунцираат своите познаници како странски агенти (што беше озлогласената гестаповска и енкаведеовска практика), и тоа веќе осумдесет години до ден денес, значи дека иако е горила грамаден колку планина, тој остана невидлив за нас. Истиот закон во САД и во ВБ е доблесен и ја негува демократијата, додека во Русија и во Грузија тој е тоталитарен до дното на својата суштина. Тоа си е, чиста наука.

(Авторот е архитект)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот