Граѓанските организации од Советот за соработка меѓу Владата револтирани од владиниот однос, бараат средба со Ковачевски

влада на република северна македонија
Влада на Република Северна Македонија / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Граѓанските организации што се дел до Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се револтирани од односот на Владата кон Советот и граѓанското општество и бараат средба со премиерот Димитар Ковачевски. Велат дека на средбата сакаат да им се појасни политиката на Владата кон граѓанското општество, да постигнат согласност за претходно поведените проблематични прашања и да се возобнови дијалогот што беше воспоставен во изминатите години.

Ние, членовите на Советот за соработка од редот на граѓанските организации, констатираме дека во изминатата година работењето на Советот беше оневозможено преку владиното игнорирање на неговите клучните препораки и заклучоци, што е негова основна надлежност како советодавно тело на Владата. Неколкуте обиди да се воспостави директна комуникација и средба со Претседателот на Владата и со претставници од Владата за да се дискутира за суштински прашања што го засегаат функционирањето на граѓанското општество досега беа оставени без одговор, се наведува во соопштението од организациите.

Загриженост за соработката и отсуство на комуникација

Длабоко сме загрижени поради влошената соработка, отсуството на суштинска, па дури и на формална комуникација и дијалог. Функционирањето на граѓанското општество е клучен показател за демократската клима во земјата, а кога тоа е загрозено – доведен е во прашање и напредокот на земјата, како и нејзиното приближување до Европската Унија, се додава во соопштението.

Граѓанските организации ги потенцираат како предизвици прашањата околу усвоените измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации без консултативен процес на засегнати страни, особено на Советот за соработка и пошироко граѓанските организации. Ценејќи дека постои активна работна група за измени и дополнувања на овој закон, од Граѓанските организации велат дека минимум очекувано за нив било од Владата да го отвори консултативниот процес преку јавна дискусија во Собранието.

Посочуваат дека минатата година Владата ја прекршила институционалната поставеност во врска со укинувањето на средствата наменети за поддршка на активностите на граѓанскиот сектор од Генералниот секретаријат на Владата и без консултации го утврди Министерството за политички систем и односи со заедниците како надлежно министерство за распределба на средствата за поддршка на граѓанските организации.

-Со ваквиот начин на постапување, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците излезе целосно од рамките на своите надлежности, што е утврдено со правната рамка на државата. Ова укажување беше во неколку наврати посочено од Советот за соработка, но Владата и Министерството целосно го игнорираа ставот на ова тело, се вели во соопштението.

Додаваат дека сè уште не е реализиран процесот за реформа на државното финансирање, како и дека граѓанските организации се соочени со кратење на средства по различни основи, што, како што велат е целосно спротивно на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество.

Во соопштението како предизвик се посочува и затворањето на консултативниот процес за Реформа на државната управа од страна на Владата.

Се нарушија основните постулати за соработка со засегнати страни. Овој процес, кој претставува целосна и сеопфатна реформа на државните органи, и покрај неколкуте барања на Советот и воопшто на граѓанскиот сектор продолжува да се води само во рамки на министерствата, заклучија Граѓанските организации и додаваат дека се пријавува значително стеснет просторот за работа на здруженијата и фондациите, а комуникацијата со повеќе министерства е влошена до загрижувачки размери, што се констатира и во повеќе извештаи кои се изготвени за овозможувачката околина на граѓанските организации.

– Имајќи го предвид сето горенаведено, очигледно е дека Владата не работи на постигнување на целите на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 и не го спроведува акцискиот план на оваа Стратегија. Истовремено, со оглед на нарушената работа на Советот, не функционира ниту системот за следење на исполнувањето на обврските на Владата од оваа стратегија, за што Советот има мандат, апелираат од Советот.

Од Ковачевски очекуваат конструктивност и зачувување на основните демократски вредности, со што нема да се доведе во прашање работата на цел еден сектор во општеството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот