Граѓанската асоцијација „Бездомни животни без граници“ до АХВ: Кому одговара да има кучиња на улица?

кучиња
Бездомни кучиња / СП. архива

„Последната изјава од Агенцијата за храна и ветеринарство за дневниот весник „Слободен печат“ е кулминација на лицемерноста, игнорантноста и решителноста во обидот за саботирање на секој труд од страна на граѓаните, активистите и здруженијата поврзан со намалување на популацијата на бездомни животни и отвори повеќе прашања кај граѓаните со половичните и селективните образложенија, отколку што даде одговори за нивите постапки и надлежности“ – велат до реакција од граѓанската асоцијација „Бездомни животни без граници“, откако АХВ наведе дека ветеринарите не треба да третираат кучиња без доказ за нивното потекло.

АХВ вчера наведе дека, доколку активистите сакаат да помогнат во справување со проблемот со уличните кучиња, треба да ги пријавуваат во општината или директно во прифатилиштето, чии екипи ќе ги заловат и откако ќе ги извршат сите потребни процедури, може да им се дадат на активистите на вдомување.

Здруженијата за заштита на животните со години наназад се во функција на системот, кој несомнено институционално потфрла во решавањето на овој проблем. Потфрла, токму поради тоа што оние чијашто надлежност е решавањето на овој проблем и за која се платени од граѓаните, одбиваат да работат во таа насока и да соработуваат со активистите и здруженијата. Не само што одбиваат да работат и соработуваат, туку и во континуитет ја опструираат работата на овие поединци, а преку петкратно покачување на цените за издавање на сертификати за промена на сопствеништво, кои пак најчесто ги користат активистите и здруженијата во процесот на вдомување на бездомните животни. Па наместо 120 денари, сега плаќаат 600 денари за оваа услуга – велат во својата реакција од Асоцијацијата.

Оттаму додаваат дека Агенцијата за храна и ветеринарство слободното го толкува Законот за заштита и благосостојба на животните тврдејќи дека општините се надлежни за собирање на бездомните животни, а не активистите, па оттука сметаат дека сите бездомни животни треба да се пријавуваат во одобрено прифатилиште за натамошен третман, што според нив е нелогична изјава.

Според официјалните податоци достапни на веб-страницата на АХВ, во регистарот на одобрени прифатилишта фигурираат вкупно 18 прифатилишта со вкупен капацитет од 453 кучиња. Од 18 прифатилишта, 4 се регистрирани на територија на Град Скопје, со вкупен капацитет за третирање на 211 кучиња или безмалку половина од капацитетот на државно ниво. Ова укажува на тоа дека остатокот од државата има сериозен недостиг на капацитети за справување со бездомната популација на животни. Понатаму, постоењето на прифатилишта не значи ништо во контекст на третирањето на бездомни животни. Доколку едно прифатилиште нема договор со одредена општина (преку пат на јавна набавка), истото не може да дава никакви услуги за третирање и згрижување на бездомни животни, бидејќи нема кој да плати за тие услуги. Во моментот, од вкупно 70 општини (со исклучок на Град Скопје, кој го опслужува ЈП „Лајка“) во државата, само 22 имаат склучено договор со дел од овие прифатилишта за услуги заловување и третирање на бездомни животни (податоците се преземени од системот за е-набавки). Дополнително, дел од договорите се склучени на суми кои покриваат третирање на ограничен (и многу мал) број на животни, а прифатилиштата смеат да постапуваат само по претходен издаден налог од општината, за конкретна бројка на животни, на конкретна локација – стои во реакцијата од „Бездомни животни без граници“.

Тие сметаат дека АХВ како надлежен орган за спроведување на Законот за заштита и благосостојба на животните, должна е да ги поседува овие информации, должна е да контролира дали општините ги спроведуваат своите одговорности, должна е да врши контрола за исполнетоста на минималните законски услови во прифатилиштатам а голем дел од нив, како што тврдат, не ги исполнуваат и покрај добиеното одобрение за работа, и должна е да ја има целосната слика за тоа со какви проблеми се соочуваат граѓаните и животните, пред да дава изјави со кои ги ограничува граѓаните да дејствуваат во отсуство на системски функционално решение.

За жал, сите постапки од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство укажуваат дека истата не ги познава воопшто состојбите на терен, нема никакви научни истражувања врз кои ги базира своите укази, нема стратегија за дејствување и справување со незаинтересираноста на општините да сносат одговорност и да ги почитуваат законските обврски, но и те како имаат стратегија за да ги опструираат напорите на граѓаните кои го решаваат проблемот на терен со сопствени средства и покрај тоа што за овие услуги и плаќаат на државата, општините, агенцијата преку даноци за да ги спроведуваат своите законски надлежности. Па оттука повторно го поставуваме со години неодговореното прашање: Кому му одговара да има кучиња на улица? – реагираат од граѓанска асоцијација „Бездомни животни без граници“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот