Граѓаните уживаат на Водно, но забораваат да си го соберат ѓубрето зад себе

Фото: Град Скопје

Со подобрувањето на временските услови и зголемената посетеност на парк-шумата Водно, се зголемува и количеството на отпадоци фрлени од несовесни посетители.

Расфрлани пластични шишиња од испиен сок или вода, остатоци од храна, пластични кеси, расфрлани хартии, искршени гранки, уништено зеленило… Ова е сликата што може да се забележи при посетата на Водно, единственото место во околината на Скопје каде што жителите на главниот град, но и други вљубеници во природата, за викенд, но и во работните денови, имаат можност да прошетаат во природа, да вдишат чист воздух и да избегаат на неколку часови од градскиот метеж.

За жал, и во моментите на прошетка, дел од посетителите наместо да се трудат на секој можен начин да придонесат за поубава и почиста животна средина, тие неколкуте часови во природа ги користат да создадат мини депонии токму на местото каде отишле да уживаат на чист воздух.

Сликата на купишта ѓубре расфрлани по прошетките во природа, за жал, се зачестени со првите сончеви зраци односно со првите денови на пролетта. Па, така, со самото тоа што времето се разубавува и природата се раззеленува, мотивот на населението за прошетка во природа заедно со семејството и пријателите се зголемува, а како последица на тоа се зголемува и натрупувањето на секаков вид отпад. За жал, негрижата за јавното добро оди дотаму што на терен може да се забележат и одредени оштетувања на поставените детски реквизити, но и на клупи и летниковци.

Кога времето е потопло, одиме на Водно. Вообичаено тоа го правиме за викенд, но речиси секогаш се разочарувам од тоа што го гледам таму. Совеста за чиста животна средина кај дел од посетителите е на многу ниско ниво. Додека пешачат и пијат вода, празните шишиња ги фрлаат зад себе. Исто се случува и со остатоците од храна. Иако сметам дека е потребно да се наместат поголем број канти за ѓубре, сепак мислам дека и тоа не би помогнало да престане да се загадува природата – вели Јулија, која додава и дека се потребни казни за несовесните граѓани што ја загадуваат шумата.

Доказ за поразителната слика на терен се и последните податоци објавени од надлежните институции, кои во изминатиот период реализираа акција за расчистување на насобраниот отпад на Водно.

Во акцијата за расчистување на Водно во која учествуваа екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ наполнети се вкупно четири камиони со отпадоци и тоа само на една локација која е атрактивна за посетителите, а се наоѓа на падините на шумата.

Со подобрувањето на временските услови и зголемената посетеност на парк-шумата Водно, се зголемува и количеството на отпадоци фрлени од несовесни посетители. Во рамките на оваа акција на ЈП „Паркови и зеленило“ собраа четири полни камиони со отпадоци и тоа кај набљудувачницата пред Средно Водно, свијокот кон патот за Сончев Град и на малиот паркинг. Апелираме до граѓаните да се грижат за природата, да го одложуваат отпадот во најблиската канта за отпадоци и да го одржуваме Водно чисто – велат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот