Граѓаните сами влечат кабли за да им се спроведе струја?!

кабли струја
Кабли за струја, Фото: Илустрација / Profimedia

Приклучниот кабел од мерното место до објектот на корисникот е дел од внатрешниот приклучок и корисникот е должен да го спроведе по претходно дефинирани технички услови, велат од ЕВН, повикувајќи се на регулативата. Граѓаните сметаат дека самостојното поставување на кабелот е проблематично.

Со пандемијата и интензивното градење викенд-куќи, или реновирање на заборавените викендички, се актуализира прашањето за спроведување електрична енергија. Мерното орманче, според Законот за енергетика, треба да биде поставено надвор од дворот, за да може да се контролира од екипите на ЕВН, а ова орманче, или народски кажано струјомер, треба да биде поврзано со внатрешниот приклучок во куќата. Поврзувањето, пак, е препуштено на оние што ја градат куќата – тие да си обезбедат електричари тоа да им го направат.

Според нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен, ова е дискутабилно во однос на изборот на електричари што ќе го направат тоа, но и во однос на самото копање што може да оштети некоја подземна инсталација.

– Иако, по правило, струјомерот треба да биде веднаш пред дворот, неретко се случува тој да биде и подалеку од дворот, затоа што така налагаат условите. Всушност, ние сами не бираме каде ќе го ставиме, туку го ставаме таму каде што ќе ни наложат од Електродистрибуција. Во случајот за кој ви зборувам беше оценето дека треба да се влече подземен кабел. Тоа треба да го прават електричари, кои ќе бидат избрани за работа на куќата. Но, овде стануваше збор за стотина метри копање, а знам дека по таа траса некаде има и водоводна цевка од селскиот водовод. Се копаше со страв да не се погоди цевката, по сеќавање на селаните каде се копало за водоводот. Мислам дека тоа не во ред. Треба да има прецизен подземен катастар за сѐ што се прави и по селата, и стручни служби на Електродистрибуција со проверка на подземниот катастар да  го прават поврзувањето на куќите со електричната енергија – вели нашиот соговорник.

Од ЕВН ни објаснија дека приклучниот кабел од мерното место до објектот на корисникот е дел од внатрешниот приклучок и дека законот наложува корисникот да го спроведе кабелот според претходно дефинирани технички услови. За таа цел, велат од ЕВН, барателите на приклучокот добиваат информативен леток за начинот на кој можат да го спроведат внатрешниот приклучок и кои технички услови треба да бидат исполнети.

– Најчесто мерните ормани се поставуваат на граница на имотот од корисникот. Внатрешниот приклучок корисникот треба да го спроведе во неговиот имот каде што не би требало да има други инсталации. Во постапката за добивање одобрение за градење за објектот што корисникот треба да го гради, доколку се утврди дека постои ваков вид инфраструктура, прво мора да биде дислоцирана надвор од имотот и потоа се добива одобрение за градење – велат од ЕВН.

Оттаму објаснуваат и дека според Законот за енергетика и Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, локацијата на мерните ормани ја утврдува Операторот на дистрибутивниот систем, односно Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје.

– Во зависност од техничките услови, тие најчесто се поставуваат надвор од имотот на корисникот на граница на имотот (поради пристап за контрола, одржување, замена или отчитување на мерните уреди). Според Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија, операторот на дистрибутивниот систем е должен да го утврди местото на приклучување на објектот на дистрибутивната мрежа. Операторот ја утврдува точката на приклучување на корисникот на дистрибутивната мрежа – ни изјавија од ЕВН.

Инаку, за да се приклучи една нова куќа или каков било друг објект на електродистрибутивната мрежа, потребно е да се достави дозвола за градба, имотен лист за парцелата каде што се гради, извод од план даден од Катастар и шема од електричната инсталација.

На информативниот леток за приклучок е наведено: „Внатрешен приклучок е делот од мерниот орман (кој се поставува на граница на вашиот имот), до вашиот објект. Внатрешниот приклучок е ваша сопственост и вие сте одговорни за негово безбедно функционирање. Со самото ставање под напон, внатрешниот приклучок станува составен дел од дистрибутивниот систем. Поради ова внатрешниот приклучок мора да биде изведен по одредени пропишани правила, пред се заради вашата безбедност. Пред пуштање под напон ваша обврска е да доставите потврда дека внатрешниот приклучок и внатрешната инсталација во објектот се изведени во согласност со важечките технички стандарди и прописи“.

Од ЕВН за „Слободен печат“ објаснија дека цената за нов приклучок не е фиксна.

 – Цената зависи од повеќе услови, на која локација се наоѓа објектот, дали реонот е опфатен со некаков урбанистички план, колкава е едновремената моќност што ја бара корисникот и слично – велат од ЕВН.

Според Ценовникот што ни го доставија, за една просечна куќа, за потребите на едно четиричлено семејство, стандарден трифазен приклучок од 17,3 киловати чини 35.772 денари. За оние со поголемо семејство и поголема куќа, ако сакаат приклучок од 24,8 киловати, ќе треба да платат 51.279 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот