Граѓаните плаќаат по двапати: Новите валидатори во автобусите и кога ќе покажат грешка, одземаат возење од картичка
Во услови кога се чека долго автобус, турканиците се преголеми, валкано е внатре, уште и за едно возење да ти се наплатува двапати е стварно премногу, реагираат граѓани.
На скопјани што секојдневно го користат постојниот јавен превоз во градот малку им е што речиси две години се мачат со недостиг на автобуси и долготрајно чекање по автобуските станици, па сега се измачуваат и со новите валидатори моментално поставени на задните влезови во возилата.
Откако два-три месеци стоеја нефункционални и завиткани во фолија, поради што се создаваа невидени гужви во автобусите кога патниците што влегуваа на задната врата се обидуваа да се пробијат до предната за да платат со картичката „скопска“ на старите валидатори, од овој месец и новите се во функција. Така барем велат од ЈСП „Скопје“ во одговори на граѓани на нивната фејсбук-страница, затоа што официјално соопштение за ова, како и за начинот на плаќање на новите валидатори, сѐ уште нема. Напротив, тие бараат трпение и разбирање од граѓаните затоа што наскоро ќе излезеле со „рекламен материјал со упатство за користење за новиот наплатен систем, кој ќе биде поставен на потребните локации и објавен“.
Исто така, во одговор на коментари на граѓаните велат дека на новите апарати валидацијата се врши на горниот дел од апаратот, каде што има ознака „card“, дека може да се плати со телефон со повикување на бројот 185, а дека не може да се користи „е- скопска“ затоа што таа ќе биде укината и ќе премине во „Скопје бас“ со новиот систем за електронска наплата. Тоа значи дека не само што ќе продолжат проблемите со јавниот превоз на граѓаните, туку тие најверојатно ќе бидат изложени и на дополнителен трошок.
Но, она што е загрижувачко, а за кое од ЈСП не даваат објаснување на нашите прашања е што новите валидатори честопати не ја „читаат“ постојната картичка “скопска“, па оние што ќе се обидат да платат со неа, а валидаторот ќе им покаже грешка, сепак остануваат покуси за едно возење. Односно, за едно возење плаќаат двапати. На вакво нешто се пожалија повеќемина патници.
Пред некој ден во автобус се качив на задната врата, имаше од новите апаратчиња, ја поминав картичката во која имав 6 возења, но се појави знакче „Х“ дека не може да го регистрира возењето. Добив инструкции од другите патници да одам напред на другото апаратче, дека истото се појавило и кај нив. Откако успеав да се пробијам до предното апаратче и ја поминав картичката на стариот валидатор, ми покажа дека е регистрирано возењето, ама дека ми остануваат уште 4 возења. Значи, иако претходно појавило „Х“, валидаторот го регистрирал возењето и всушност за едно возење платив двапати – вели Ирена од Карпош.
Таа објаснува дека потоа отишла во билетарница на ЈСП за да го пријави проблемот, каде што ѝ кажале дека тоа се случувало, дека уште не биле целосно нагодени новите валидатори, дека тоа не е нивна вина и не можат да ѝ помогнат.
Во услови кога се чека долго автобус, турканиците се преголеми, валкано е внатре, уште и за едно возење да ти се наплатува двапати е навистина премногу – коментира Ирена.
Притоа, од јавното претпријатие нема никакво предупредување до граѓаните да не ги користат картичките „скопска“ на новите валидатори, иако очигледно знаат дека има ваков проблем.
Пред еден месец од ЈСП соопштија дека е во тек надградба на Системот за автоматска локација на возила и електронска наплата во нивните автобусите и во автобусите на приватните превозници, според договорот со конзорциумот, софтверската компанија „Аитоникс Македонија“. Според тогашната информација, новите валидатори требаше да ги прифаќаат билетите како досега.
Надградбата се врши во три фази. Во моментов се работи на втората фаза, во која се инсталира по еден валидатор во сите возила од новиот надграден систем. Оваа фаза ќе заврши до 15.9.2024 година кога почнува третата фаза, односно паралелна работа на двата система, при што новиот валидатор во целост ќе ги прифаќа билетите како и во стариот систем. Третата фаза ќе трае 15-30 дена, при што ќе се детектираат сите недостатоци на новиот систем, доколку постојат такви. Потоа се исклучува во целост стариот систем, се поврзува и предниот валидатор на новиот систем, со што надградбата ќе биде завршена – информираа тогаш од јавното претпријатие.
Договорот склучен со „Аитоникс Македонија“ е за период од две години и „тежи“ 141.600.000 денари со пресметан ДДВ, односно околу 2,3 милиони евра.
Зошто беа потребни нови валидатори и нов систем за наплата во старите расклатени автобуси, во услови кога за граѓаните приоритет е набавка на нови возила, од ЈСП не одговараат.