Граѓаните никако да се откажат од фрлање ѓубре во канализација

Фото: Водовод и канализација“

Мебел, градежен шут, ќебиња, трупови од животни, влажни марамчиња, остатоци од храна. Ова е само дел од отпадот кој наместо во кантите за отпад или на депонија, несовесните граѓани го фрлаат во канализација. Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека и покрај многубројните апели и објаснувања како тоа може да делува на самиот канализациски систем, околината, па и на здравјето на луѓето, сепак некои граѓани и понатаму се решаваат на едно такво место да го одложат отпадот од нивниот дом или од нивното работно место.

Со ваквата поразителна состојба на терен, секојдневно се соочуваат екипите на ова јавно претпријатие, одржувајќи го секојдневно системот но и како дел од спроведувањето на пролетната акција во град Скопје, преку чистење на фекалната и атмосферската канализација, што всушност е и редовна активност на претпријатието.

– Кога треба да се зборува за што се се наоѓа во системот за одведување на отпадни води, особено внимание треба да се посвети на подигнување на свеста на граѓаните, активност што се спроведува редовно од страна на претпријатието, за фактот дека канализацискиот систем не е место за одложување на отпад, односно не е депонија. Атмосферската канализација не е толку проблематична, бидејќи тука зборуваме за отпад од природата, но во фекалната канализација и шахтите за жал се наоѓаат предмети од секаков тип: ќебиња, кабаст отпад, остатоци од животни и сл. – информираат од ЈП „Водовод и канализација“ од каде апелираат до граѓаните одговорно да се однесуваат кон системот за одведување на отпадни води, бидејќи истиот не е депонија.

Во изминатите неколку дена, Екипите на ЈП „Водовод и канализација“, во текот на работните активности за имплементација на пролетната акција која се спроведува во соработка со сите претпријатија на Град Скопје, работат на територија на Општина Шуто Оризари ги спроведуваа голем број на активности.

– На улицата Индира Ганди извршена е контрола на 40 шахти, рачно се исчистени 32 шахти, 40 сливници, перење на канализациона линија со цистерна вакум 160 м и прочистување со цистерна притисок 300 м – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот