Граѓаните не пријавуваат дивоградби, немаат доверба во постапувањето на институциите и во исходот на пријавата

Форум за дивоградби/ Фото: Слободен печат

Во Општина Кисела Вода се поднесени 14 958 барања за легализација на дивоградби од влегување на сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, заклучно со 1 јануари 2019 година. Постапено е по сите барања, но не се знае за колку од нив било одлучено позитивно, а колку биле одбиени затоа што Регистарот на Општината не содржи такви информации, туку се води по име, презиме и адреса на подносителот на барањето.

Во периодот од јануари 2019 до крајот на декември 2022 година Општината постапувала по 2505 претходно доставени барања во 2011, 2014, 2015, 2016 и 2018 година. Во Регистарот нема информации ни колку од овие 2505 барања се за бесправно изградени објекти на приватно, а колку на државно земјиште. Од нив, решение за легализација е донесено само за 887 барања за кои била извршена уплата, додека за преостанатите има донесено и издадено урбанистичка согласност и заклучок за плаќање надоместок за уврдување на правен статус на бесправен објект. Поднесените барања се однесуваат на легализација на семејни куќи, деловни објекти, доградби и надградби на згради.

Ова се дел од податоците кои беа изнесени на денешниот форум посветен на дивоградбите, кој го организираше Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н., а на кој особено стана збор за законската рамка за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти и нејзиното спроведување, како и процесот на легализацијата на дивоградби во Општина Кисела Вода.

По основ на такси односно надомест за легализација на бесправно изградени објекти во периодот од 1 ноември 2021 до 1 декември 2022 во општинскиот буџет се слеале 11 902 422 денари. Притоа, Општина Кисела Вода нема донесено одлука за утвдување на границите на потенцијално нестабилни зони и покрај тоа што во ЛЕАП за општината за периодот 2016-2021 е утврдено дека земјиштето во населбите Припор, Усје и Пинтија е подложно на ерозија и лизгање на земјиштето – рече Милка Докузовска, една од презентерите на форумот.

Говорејќи за законската рамка за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти и нејзиното спроведување, Ана Петровска, просторна планерка и поранешен директор на Државниот инспекторат за животна средина, посочи дел од од она што е зацртано во Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

 Согласно Законот, може да се легализираат објекти што се изградени на земјиѓте на кое е предвидена изградба на сообраќајна структура, доколку Општината донесе одлука со која се предвидува откажување на изградбата или дислокација на сообрачајната инфраструктура. Општината може да донесе Одлука за легализација на бесправно изграден објект кој се наоѓа во заштитен крајбреѓен појас на вештачки езера и речни корита, доколку истиот може да се вклопи во урбанистички план – истакна Петровска.

Здружението Е.Д.Е.Н. претходните месеци спроведе и онлајн анкета за испитување на јавното мислење на граѓаните на Општина Кисела Вода на тема дивоградби во општината и начините на кои општината се справува со нив.

Резултатите од анкетата покажале дека граѓаните имаат познавања за тоа што се дивоградби и легализација, но сепак околу 75 % од анкетираните никогаш не пријавиле дивоградба. Причината за ваквиот однос е што 83 проценти од оние што не пријавиле, немаат доверба во постапувањето на институциите, како и во исходот на постапката.

Форумот беше организиран во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот