Граѓаните изгорени од цената на пелетите, купуваат машини сами да ги прават

Најевтината „пелетарка“ е 1.300 евра со ДДВ, користи пилевина, а капацитетот ѝ е 60 до 100 килограми пелети на час, велат во продавница во Скопје.

Пелетите кога се појавија, можеа да се најдат по 200 денари за вреќа од 15 килограми, лани во екот на сезоната, толкава вреќа чинеше 290 денари, а сега веќе почнува да се продава по 380 денари. Граѓаните што затоплуваат по 100 квадратни метри со пелети, велат дека месечно уште лани плаќале по 24.000 денари, а сега пресметките покажуваат дека за загревање ќе им треба и над 30.000 денари.

Печките на пелети беа рекламирани како начин за економично и еколошко загревање токму на поголеми површини и за нив најчесто се одлучуваа оние што имаа куќи заменувајќи ги печките на дрва со печки на пелети, особено оние со системот на „централно греење“, така што затоплување имаа во сите соби. Државата повеќе години го субвенционираше, купувањето на печките на пелети, а според минатогодишниот оглас, тие можеа да добијат субвенција од 50 отсто од цената, односно најмногу 20.000 денари, а оние што се категоризираа како граѓани со ниски примања, можеа да добијат субвенција од 70 проценти од цената, но најмногу до 25.000 денари.

Но, со сегашните цени на пелетите, низ огласниците може да се види дека многу граѓани ги продаваат печките на пелети, но и дека купуваат машини за самостојно правење пелети, па дури и самите си прават такви машини! Во Скопје има продавници што продаваат машини за правење пелети. Во „Радек“ најевтината е 1.300 евра со ДДВ, користи пилевина, а капацитетот и е 60 до 100 килограми пелети на час.

За тоа дали се исплати да се купи „пелетарка“ за правење пелети за сопствено производство, но и за продавање, како да се најдат низ продавниците најевтини пелети и како воопшто да се пронајдат пелети затоа што веќе се најавува нивен недостиг, здружени граѓани на Фејсбук отвориле грула „Пелети – група за дискусија каде да се најдат поевтини и квалитетни пелети“.

„Еден тон пилевина се движи од 2.500 до 4.000 денари, излегува 1:1 . Во еден тон има 67 вреќи со пелети, па по сегашниве цени на вреќа, за еден тон треба да се платат 25.460 денари тон или просто, кратко и јасно заработката е 300-400 проценти“, пресмета еден од членовите на групата.

Производителите негодуваат дека таква проста математика не треба да се прави, затоа што пелетите треба да задоволат одредени стандарди, тоа се сертифицирани производи, со точно утврдени правила на обработка.

– Кога ќе се исуши пилевината, загубата е околу 20 проценти, а каде е струјата, каде се кесите? – вели еден производител на пелети, кој е член на групата.

„Слободен печат“ разговараше и со еден производител на пелети за сопствени потреби, но кој минатата година и ги продавал.

– Јас имам машина со моќност од 7 киловати, ја купив на старо 1.300 евра. Таа е малку поголема, која може да обезбеди сопствено производство, но и за продажба. Со партнерот со кој ја купивме, имавме идеја за дополнителен бизнис, затоа што ние двајцата сме редовно вработени, па мислевме дека со 3-4 часа работа можеме нешто дополнително да заработиме. Сепак, тоа не е така едноставно. Но, за сопствено производство е добро да се има ваква машина, затоа што сега цените се огромни и тие што купија печки на пелети, ако вака некако сами не си ги направат, загревањето е невозможно. Има куќи што не може да се згреат без да се потроши 1.000 денари за пелети по овие цени – објаснува нашиот соговорник.

Тој вели дека разбира зошто има огромно поскапување на цената на пелетите.

– Ако минатата година купувавме пилевина на трактор од пиланите, сега почнаа да ја продаваат по килограм и по многу повисоки цени. Да не зборуваме за скапата струја – објаснува кавадарчанецот.

Од она што може да се види по социјалните медиуми, граѓаните покажуваат голем интерес сами да си ги произведуваат пелетите, но ги споделуваат и сите можни информации за тоа од каде може да се најдат поевтини пелети, па дури и се здружуваат за големи количини да обезбедат поевтини вреќи со пелети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот